Независната угостителска комора (НУК) бара од Владата целосно и безусловно да ја укине одлуката за забранет влез на невакцинирани во угостителските објекти, посочувајќи дека таа е условена и неспроведлива и дека е неприфатлива и за многу граѓани кои вчера излегле на протест.
– По синоќешниот врисок на граѓаните искажан преку паралелни протести низ цела Македонија, на Владата не ѝ останува ништо друго, туку веднаш, по кратка постапка, да ја укине одлуката со која сакаше да се спроведе експериментален филтер на проверка дали и како системот на селекција на граѓаните може да функционира во време на пандемија на т.н. вакцинирани и невакцинирани, предвиден да се одвива со редарски служби преку угостителите и угостителските објекти од 16 август.
Ја потсетуваме Владата денес согласно изјавата на Министерот Бектеши наместо да разгледуваат било какви други можности, разводенувања и дополнувања кон одлуката и мерката со која СЕ ЗАБРАНУВА ВЛЕЗ НА НЕВАКЦИНИРАНИ ВО УГОСТИТЕЛСКИ ОБЈЕКТИ со која одлука и понатаму би била забранета посета и влез за одредени граѓани и гости и на било кој начин би се вршела било каква селекција и деградација на гости во угостителски објекти да го разгледа нашето доставено барање од 10-ти Август за укинување на спорната одлука и мерка и веднаш да го усвои истото со што оваа одлука и мерка ќе биде укината целосно и безусловно во кратка постапка.
Ги потсетуваме Претседателот на Влада и Министрите за здравство и економија да не ја забораваат и потценуваат моќта и големината на угостителите и угостителската индустрија и да не забораваат дека од спорната нвредлива и неспроведлива одлука директно се засегнати безмалку 6.500 угостителски објекти со повеќе од 35.000 угостителски работници кои заедно со своите фамилии ја надминуваат бројката од 100.000 гласачи кои на претстојните локални избори ќе треба да го дадат својот глас и доверба од чиј глас оваа Влада моментално го ужива раководењето и бенефитот на своето работење и владеење, наведува НУК во соопштение.