НУК потпиша Меморандум за соработка со Агенцијата за заштита на личните податоци

од Vladimir Zorba
307 прегледи

Независната угостителска комора (НУК) вчера потпиша Меморандум за соработка со Агенцијата за заштита на личните податоци.

Со овој меморандум се потврдува заедничката заложба и интерес за унапредување на соработката помеѓу Комората и Агенцијата во областа на обезбедување на информации, едукација, поддршка на угостителите за усогласување на нивното работење со начелата, вредностите и правилата за заштита на личните податоци предвидени во прописите за заштита на личните податоци.

Во таа насока, Комората и Агенцијата ќе соработуваат и делуваат со цел реализирање на заеднички активности кои ќе придонесат за подигнување на јавната свест за правото на заштита на личните податоци и подобрување, надградба и прилагодување на воспоставените системи за заштита на личните податоци на угостителите со прописите за заштита на личните податоци.

Оттука, Комората ќе има координативна улога со цел да изврши навремено информирање на своите членови и угостителите за обврските согласно прописите за заштита на личните податоци, а врз основа на претходно дадени насоки од страна на Агенцијата кои чекори треба да ги преземат угостителите за да го усогласат своето работење со прописите за заштита на личните податоци и која документација треба да ја донесат за да обезбедат безбедност на обработката на личните податоци соодветно на ризикот на обработката, а притоа да можат и да ја демонстрираат усогласеноста со начелата поврзани со обработката на личните податоци.

Комората ќе обезбеди и комплетна логистичка поддршка при спроведувањето на обуките за заштита на личните податоци за заинтересираните претставници од угостителите пријавени преку самата Комора по претходно склучен договор на секој пријавен угостител со Агенцијата во смисла на организирање и oбезбедување на присуство на целните групи.

„Имајќи ги предвид специфичните карактеристики на различните сектори на обработка на личните податоци во угостителската индустрија и специфичните потреби на микро, малите, средните и големите угостителски објекти и друштва, а со цел да се придонесе за правилна примена на прописите за заштита на личните податоци, Комората започна со изработка на Кодекс на однесување за угостителската индустрија за да се прецизира примената на прописите за заштита на личните податоци во однос на правична и транспарентна обработка, собирањето на личните податоци, остварување на правата на субјектите на личните податоци, мерките за обезбедување на безбедност на обработката соодветно на ризикот според член 44 од Законот за заштита на личните податоци“, сопштуваат од НУК.

Слични содржини