Нуклеарната централа во Запорожје ја загуби врската со единствениот преостанат далновод

од Vladimir Zorba
141 прегледи

Украинската нуклеарна централа во Запорожје, под контрола на руските сили, ја загуби врската со последниот далновод, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Како што јави британската телевизиска мрежа Би-Би-Си, МААЕ додаде дека електраната, инаку најголемата во Европа, сега се потпира на резервен далновод за снабдување со електрична енергија на украинската мрежа.

Останатите три далноводи не се во функција од почетокот на конфликтот.

Украинската државна нуклеарна компанија од друга страна објави дека сега е во функција само еден од шесте реактори на електраната.

Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, во четвртокот изјави дека физичкиот интегритет на нуклеарната централа е загрозен. Тој ден ја посети таа локација заедно со тим експерти, чии членови останаа на терен.

Гроси рече дека за време на неколкучасовниот престој успеал да ја посети целата локација, реакторите, контролните соби, системите за итна интервенција, како и други простории.

Шефот на МААЕ го пофали украинскиот персонал кој продолжи да работи по доаѓањето на руските сили и додаде дека работат во тешка ситуација, но исклучително професионално.

Украинскиот персонал рече дека руските сили ја користат централата како воена база.

Локалните власти, кои во меѓувреме беа назначени од Русија, од своја страна рекоа дека врската со далноводот е прекината поради технички проблеми по гранатирањето.

Руските и украинските сили меѓусебно се обвинуваат за напади врз Запорожје.

На 24 февруари Русија ја започна својата инвазија на Украина.

Слични содржини