Реафирмирање на соработката во однос на одржливото управување со водните ресурси, била една од темите на која денеска разговарале министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и амбасадорот на Албанија, Фатос Река.
-Од двете страни е изразена силна подготвеност за интензивирање на преговорите во врска со Предлог – договорот за управување со прекуграничните водни ресури и искажана е волја во најкус можен рок да се изработи нов предлог текст и да се формира мешовита македонско-албанска комисија составена од претставници на надлежни ресори и експерти од областа на водите што би работеле на заеднички предлог текст на договорот, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Нуредини и Река размениле мислења за можностите за заеднички пристап во надминување на предизвиците со кои се соочуваат во обезбедување одржлив зелен развој во двете држави.
-Се разговараше и за соработка во другите области, а се направи осврт и на причините на загадувањето на воздухот во државата особено во зимскиот период и во време на грејната сезона, се наведува во соопштението.
На средбата станало збор и за интензивирање на соработката на двете држави за одржливо управување со природните вредности на прекуграничните заштитените подрачја.