Невладината организација Уфук прашува колку чини да се купи безистенот во Битола, зашто сака да го купи. Ова прашање се поставува откако вчера беше обелоденето дека власта ќе го продава на наддавање Офицерскиот дом во Битола.
„Г-да и г-ѓи од власта, културните споменици се дела на нашето заедничко минато, Офицерскиот дом е изграден пред повеќе од еден век, односно е споменик на културата кој останал од времето на Османлиската империја. Ние припадниците на турската заедница сме огорчени од нападите врз спомениците на културата останати од тој период, кој владејачката гарнитура ги зачести во последните години, но одлуката за продажба е врвот на сите овие срамни чинови.
Г-да и г-ѓи од власта, вашите напади врз културните споменици го продлабочуваат јазот помеѓу заедниците во Македонија, чии односи се нарушени најмногу во периодот на вашето владеење. Наместо да го штитите заедничкото културно минато и на сите граѓани, па и на светот, да дадете порака за заедништво и почит на различностите кои се наше богатство, вие го правите спротивното. Со напад на една цивилизација која остави длабоки траги во светската историја. На спомениците од периодот на Османлиската империја ние припадниците на турската заедница гледаме како на заедничкото минато кое заслужува почит и е благодет кој им служи на сите граѓани на Македонија“, се наведува во реакцијата на НВО Уфук.
Се наведува и дека благодарение на овие одлуки Турците во Македонија уште еднаш се почувствувале како граѓани кои се непожелни во Македонија.
„Во Битола една џамија беше претворена во галерија, тоа не беше доволно, па сега ќе потпишете уште еден срамен чин со кој за тесни партиски интереси го продавате заедничкото минато и култура, а со тоа и иднината. Па ајде штом сте решиле да продавате, да рушите споменици на културата од периодот на Османлиската империја и да ги пренаменувате, ние младите од НВО Уфук, сакаме да го купиме безистенот (затворениот пазар) во Битола кој исто така е изграден во периодот на Османлиската империја. Колку чини?“, прашуваат тие.
Владата на Македонија донесе одлука за продажба на Офицерскиот дом во Битола. Ваквата одлука е скандал од невиден размер бидејќи никаде во светот културните споменици не можат да се продадат, згора на тоа овој споменик е заштитен со закон и е симбол на градот, сметаат од НВО Уфук.