48 семејства од социјално ранливите категории граѓани од Свети Николе се на чекор од добивање покрив над глава. По завршување на прелиминарната и јавна распределба на социјалната зграда во овој град, комисија за станбени прашања од утре на терен ќе почне да врши проверка на веродостојноста на доставената документација и фактичка состојба.
Според Генералниот директор на АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката- Скопје- Зоран Ѓоргијев, ваквиот чекор е само уште една потврда за за успешната имплементација на Проектот за изградба на станови за лица во социјален ризик.
„Задоволен сум што пред само два дена клучеви на рака добија 20 семејства во Пробиштип, а до крајот на годината очекуваме комплетирање на документацијата за зградите од овој тип во Демир Капија и Неготино. Континуирано и напорно работиме со цел да обезбедиме поквалитетен и достоинствен живот, а граѓаните ги чувствуваат придобивките“, посочи Ѓоргијев.
Според Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на јавниот оглас којшто беше објавен преку Министерството,право на пријавување имаа неколку категории граѓани и тоа: Деца над 18 години без родители кои до својата 18-та година биле згрижени во институции за деца без родители, корисници на право на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни – природни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, лица припадници на Ромската заедница кои се социјално загрозени и самохрани родители со малолетни деца.
„Конечната листа на семејства што ќе добијат социјални станови ќе биде утврдена по завршување на теренскиот увид. Годинава како никогаш досега, со ваков интензитет, за прв пат се изградени, завршени и распределени 4 станбени згради во 4 општини низ државата.- Пробиштип, Гостивар, Виница и денеска во Свети Николе“, рече Бочварски.
Во моментов, во фаза на градба се социјални згради во скопските општини Бутел и Сарај, во Дебар, Кочани и Велес. Планирани за идна градба се: Пехчево, Прилеп и Штип.