Поранешниот американски претседател Барак Обама освои „Еми“ за улогата на наратор во неговата документарна серија „Our Great National Parks“, објави во саботата американската Телевизиска академија.
Станува збор за серија од пет дела на Нетфликс. Првата епизода беше прикажана во април оваа година.
Обама веќе има освоено две Греми награди, за аудио верзиите на неговите мемоари „The Audacity of Hope“ и „Dreams from My Father“, па сега уште му недостига Оскар за да ја комплетира познатата листа EGOT (на која се Еми, Греми, Оскар и Тони награди) и Тони.
Според магазинот Entertainment Weekly, во тоа успеале само 17 луѓе, а меѓу нив се Мел Брукс, Вупи Голдберг, Одри Хепберн и од неодамна Џенифер Хадсон.
Обама не е единствениот американски претседател кој освоил Еми. Двајт Ајзенхауер ја доби оваа награда во 1956 година, но во неговиот случај тоа беше почесна награда.
Откако ја напушти функцијата во 2017 година, откако отслужи два претседателски мандати, Обама ги објави своите мемоари, а исто така и неговата сопруга Мишел. Нивните мемоари станаа бестселери.
Покрај непрофитната фондација, парот основал и продукциска куќа која потпишала голем договор со Нетфликс, наводно вреден десетици милиони долари.
Првиот документарен филм на нивната продукциска куќа за Нетфликс, „American Factory“ освои Оскар за најдобар долгометражен документарен филм и Еми за режија, но тие награди не отидоа кај брачниот пар Обама, туку кај филмаџиите.
Претседателскиот наследник на Обама, Доналд Трамп, не освои Еми за неговото реално шоу „The Apprentice“, иако беше номиниран двапати.
Инаку, Обама ја доби и Нобеловата награда за мир по победата на претседателските избори во 2008 година, за, како што се наведува, „вонредните напори во зајакнувањето на меѓународната дипломатија и соработката меѓу народите“.