Британскиот амбасадор во земјава, Метју Лосон денеска порача дека гласањето на Македонија на Генералното собрание во ОН за војната во Украина е став на Владата.
-Разговараме на сите теми и формалности со вашата Влада. Ова е една од темите за кои можеме да разговараме, кратко рече Лосон на македонски јазик при посетата на општина Штип и средбата со градоначалникот Иван Јорданов.
Запрашан дали го дели истото мислење со францускиот амбасадор во земјава дека гласот на Македонија беше „неочекуван“, Лосон овој пат на англиски изјави дека „секоја земја има различен пристап“.
-Украина ќе остане приоритет за Обединетото кралство. Сакам да нагласам дека сме блиски партнери во НАТО, имаме блиска соработка во надворешната политика и постигнување на заедничките цели. Се надевам дека ќе продолжиме така. Понекогаш и да не сме во иста насока за одредени работи во надворешната политика, стоиме цврсто и ќе продолжиме за стабилност и безбедност во регионот, додаде амбасадорот на Обединетото кралство.
Вчера францускиот амбасадор, Кристоф Ле Риголер рече дека одлуката на Македонија да гласа „воздржано“ за двете резолуции во ОН, а притоа да биде коспонзор на американската, е во најмала рака неочекувана.
-Навистина вие посочувате кон важна тема, за одлуката за гласање на Северна Македонија во Њујорк којашто за нас беше неочекувана. Мислам дека треба да се концентрираме на темата која е важна затоа што се случија гласањата во Њујорк, за проектот за резолуција. Постои навистина неопходност за излегување од конфликтот во Украина, но има и поважна тема, а тоа е вредноста која денес ја даваме во Европа на територијалниот интегритет, почитувањето на сувереноста, империјализмот на еден сосед во однос на друг сосед, до тој степен што се негира неговото постоење, идентитет и јазик. Тоа е тема што бара единствен европски одговор. Целта на европската дипломатија денес, целта на секој од нас е токму да се одржи таа унитарност и да се има исти заеднички пристап кој ќе обезбеди безбедност на континентот во наредните години, наредените децении за нас и за нашите деца, кажа Ле Риголер на новинарско прашање на прес-конференцијата по повод презентација на програмата за годинашното одбележување на Франкофонијата.