Обезбедивме 4,1 милијарда денари за плати и 5 милијарди денари за исплата на пензиите, порача Димитриеска Кочоска

од Nikola Popovski
385 прегледи

Пред да ги посочам најважните работи од ребалансот сакам да кажам дека затекнуваме состојба која значи држава во хаос и долгови. Буџет кој е список на желби, место креиран развој. Предимензионирани плаќања. Економијата е во клиничка смрт. И тука најпрво би сакала пред да почнам да ги зборувам другите податоци, да упатам огромна благодарност до моите колеги од Министерството за финансии, посебно од мојот кабинет и од Секторот за буџети и фондови, бидејќи во овие денови макотрпно работеа ден и ноќ за да може да ги имаме најпрецизно сите податоци, за да не направиме оштетување, и притоа да внимаваме на граѓаните и бизнисот, рече денеска министерката за финанси, Гордана Димитриеска-Кочоска на прес-конференција во Владата, презентирајќи го Ребалансот на Буџетот.

Министерката тргна од макроекономските проекции и тоа раст на БДП за 2,1 проценти односно негово ревидирање надолу од првично планираниот 3,4%.

-Остварувањата во првиот квартал од 2024 како и одредени статистички индикатори за вториот квартал јасно покажуваат дека првично проектираниот БДП е неостварлив. Инфлацијата е предвидена на ниво од 3,5% додека пак растот на нето платата е предвиден на 13%.

Во првиот квартал од 2024 година економската активност забележа реален раст од 1,2 проценти со што продолжи динамиката од претходните квартали, која резултираше со низок просечен раст од 1 процент во 2023 година.

Притоа растот се очекува да биде придвижен од домашната побарувачка, додека нето извозот се очекува да има негативен придонес врз растот. Инфлацијата е предвидена на ниво од 3,5 проценти, додека растот на нето платата на 13 проценти. Во текот на втората половина од годината се очекува понатамошно забавување на растот на инфлацијата, односно стабилизирање на цените на храната и енергенсите, како и поумерен притисок од базичната инфлација, рече Димитриеска-Кочоска.

Според неа, при подготовка на ребалансот се тргна од неколку претпоставки т.е. колку средства можат да се прераспределат во веќе постоечкиот буџет од ставки кои бележат слаба реализација, планирање на средства кои иако имало законска обврска не биле предвидени како и доспеани обврски кон граѓаните и бизнисот.

-Врз основа на направената прераспределба обезбедивме околу 20 милијарди денари, дополнително уште 11 милијарди денари се планирани за покривање на доспеаните обврски кои биле законски, а не биле планирани. Тоа резултира буџетскиот дефицит да се зголеми за 11,156 милиони денари.

Вкупните приходи во буџетот се планирани на ниво од 318 милијарди 150  милиони денари и бележат зголемување за 8 милијарди и 22 милиони денари. Ова зголемување е резултат на повисоко остварување на придонесите, а се темели на зголемување на платите во дел од јавните институции како и очекувањата за раст на платите во приватниот сектор. Исто така планирано е и зголемување на даночните приходи од сопствени сметки.

Расходите се планирани во износ од 362 милијарди 816 милиони денари, односно на расходна страна имаме зголемување од 19 милијарди 178 милиони денари, додаде министерката.

Димитриеска Кочоска информира дека со ребалансот се обезбедени 4,1 милијарда денари за плати од кои 1,1 милијарда денари за блок дотации кои не биле планирани во основниот буџет, како и 5 милијарди денари за пензиите.

-Тука морам да напоменам дека планираните средства за 2024 би биле доволни доколку декемвриската пензија не била реално исплатена во јануари. На овој начин нереално е прикажан помал буџетски дефицит за 2023 година во износ од скоро 7 милијарди денари, и тоа е една од причините што сегашниот буџетски дефицит бележи раст.

Обезбедивме средства и за гаранции, односно со ребалансот обезбедивме 5,1 милијарда денари за сервисирање на кредитни обврски кон меѓународни финансиски институции во име на државни и јавни претпријатија. Имено ЈПДП, ЈСП, Железници, ЕСМ не се во состојба да ги враќаат кредитите за кои се издадени државни гаранции, а согласно закон Министерството за финансии има обврска да ги враќа средствата во нивно име. Последиците од крајно расипничкото  работење во овие претпријатија повторно паѓаат на терет на граѓаните. Како и да е за истото треба да има одговорност.

600 милиони денари обезбедивме за исплата по судски решенија. Штетите кои ги трпи буџетот по однос на извршни исправи е огромна. Имено само за 2023 година исплатени се 1 милијарда 671 милион денари. Станува збор за различни предмети пред се од повреди на Законот за работни односи односно префрлање на вработени од едно на друго место кои тужеле и добиле. Понатаму извршни исправи кои се исплаќаат за изгубени предмети на Судот за човекови права. Побарав дополнителна анализа во изминативе денови која покажа дека предметите ги губиме заради грешки на судии од недонесување на судска пресуда во рок и слично. Само за 2024 година се исплатени 3 милиони евра по овој основ.

Зголемување на каматите за 822 милиони денари поради раст на дел од каматите врзани со еурибор. Воедно повторно морам да напоменам дека во следните 4 години односно 2024-2028 година вкупниот долг или отплата кој што треба да ја направиме само по основ на каматите е 1 милијарда и 800 милиони евра.

Обезбедивме 1 милијарда денари за исплата на законската финансиска помош во зоните, која што претходната влада ја знаела, но не ја обезбедила во буџетот. 322 милиони денари за Државна изборна комисија кои не беа испланирани за исплата на медиумите согласно Изборниот законик а за кои постои законска обврска. 644 милиони денари за студентски оброк и за стипендии, исто така законска обврска која не била предвидена. 6 милијарди денари за проекти за капитални инвестиции во општините 132 милиони денари исплата кон фондовите на ЕУ поради констатирана злоупотреба на средства од страна на ОЛАФ во националната агенција за мобилност Еразмус. 143 милиони денари за закупнини во ДКП. 150 милиони денари за МРТВ законска обврска која не била предвидена. Транзициски трошоци втор столб 400 милиони денари. Здравствено осигурување за пензионери 879 милиони денари. 1 милијарда и 700 милиони денари за ФЗОМ за исплата на доспеани обврски и боледувања Субвенции за земјоделие во износ од 1 милијарда и 7 милиони денари кои се доспеани. На овој начин после долги години земјоделците ќе ги добиваат субвенциите навреме. 550 милиони денари за ваучери во спортот кои се законска обврска а не биле воопшто планирани. 80 милиони денари за Биро за развој на образование односно за учебници, кажа министерката на пресот пред медиумите.

На општините, јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост им се препорачува да ги консолидираат финансиите, односно да преземат активности за наплата на сопствените приходи како и да ги намалат непродуктивните трошења.

-Исто така работодавачите од јавниот сектор да преземат итни активности за спроведување на функционална анализа и за истото да ја информираат Владата.

Сите буџетски корисници да преземат итни активности во рамки на своите институции, единки корисници во насока на спроведување на вонредни ревизии за утврдување на наменското трошење на финансиските средства на Буџетот, најдоцна во рок од 30 дена до Владата да достават повратна информација.

И последно, се задолжуваат Министерството за образование и наука, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Министерството за одбрана да достават распределба на наменски  блок дотации по општини, порача меѓу другото, Димитриеска Кочоска.

Слични содржини