Се уште нема детали кои би можеле да се споделат, а да се однесуваат на евентуалната средба на премиерот Христијан Мицкоски со новиот бугарскиот премиер Росен Жељазков. Иако потенцијалната средба засега не е ни на повидок, премиерот неодамна рече дека треба да му се даде шанса на процесот и барањето за дополнителни гаранции, со цел да се дознае дали е можна промена на позициите кај источниот сосед околу нашиот европски пат. Најави дека нема да се откаже, но и очекува ЕУ да ни помогне во изнаоѓање начини.
Односите статус-кво
Дел од тамошната јавност не гледа позитивен напредок во билатералните односи. Велат дека откако македонскиот премиер ја презеде функцијата, сведоци сме на залудна реторика и обиди за одложување на процедуратата за внесувањето на Бугарите во нашиот Устав. Според, Марија Симеонова, директор на Канцеларијата на Европскиот совет за надворешна политика во Софија, ваквиот став нема да биде променет од бугарската страна. Како што вели, доколку во Македонија нема мнозинство и подготвеност за овој чекор, тогаш барем да не се преземаат дејствија кои би ја зголемиле дополнителната тензија.
-Очекувам средба на билатерално ниво, но за таа да се одржи потребна е конкретна агенда – на пример во делот на економските и трговските можности, инфраструктурните проекти, културната размена и други. Сепак, засега не гледам вистински напори од Скопје и Софија да се развие таква агенда на дневен ред, вели Симеонова за „Локално“.

Марија Симеонова
Околу евентуално „омекнување“ на Бугарија за одложени уставни измени, соговорничката е децидна дека ова прашање не ги засега само Македонија и Бугарија.
-Условот за уставни измени е дел од Преговарачката рамка на Скопје со ЕУ, па сите 27 земји-членки треба да го променат ставот од летото 2022 година, истакна таа.
По најавите од дел од македонското малцинство во Бугарија дека очекуваат конкретна поддршка на домашните власти за графа „Македонец“ на следниот попис кај нашиот источен сосед, Симеонова порачува дека од летото 2022, позицијата на Софија е јасна и поддржана од ЕУ и нејзините земји-членки.
-Собранието на С.Македонија го одобри т.н „француски предлог“ кој го поврзува напредокот на Скопје кон членството во ЕУ со вклучувањето на Бугарите во Уставот на земјата. Ова е уште едно јавно изнесено тврдење, претставено со јасно сознание дека нема да се реализира. Напротив, има потенцијал само дополнително да ја продлабочи тензијата во односите меѓу Софија и Скопје – и на државно и општествено ниво, оценува директорката на ЕСНП – Софија.
Сличен став има и аналитичарот и адвокатот по професија, Паскал Гонов. Вели дека односите меѓу Бугарија и Македонија се на работ на колапс. Како што објаснува во разговор за „Локално“, долга е приказната зошто стигнавме до тука, но како резултат на оваа политика на конфронтација, јавното мислење во секоја од двете земји е радикализирано и не сака да направи отстапки.
-Денес, со заеднички напори, изградивме непремостлив ѕид меѓу нас, а секојдневните покажувања на непријателство ја поставуваат агендата.

Паскал Гонов
Дури и прославите на Гоце Делчев станаа годишен повод да се покаже агресија еден кон друг. Одбиени покани и мизерни говори. Во целиот овој циркус учествуваат и политичари, новинари и уметници. Во оваа насока, не сум сигурен дали иницијативата на господинот Стојко Стојков е обид за „деблокирање на процесот на помирување“ или е уште една провокација, оценува Гонов.
Меѓутоа, во ретроспектива, вели тој, Стојков не е човек на мирот.
-Поради оваа причина официјална Софија најверојатно ќе ја игнорира неговата изјава. Во однос на прашањето за идна средба меѓу премиерите, верувам дека ниту еден од нив нема желба за таква. Секако дека немањето желба е факторот што го попречува изнаоѓањето решение за кризата. Бугарско-македонскиот спор полека, но сигурно навлегува во рубриката на грчко-македонскиот спор. Караванот ќе продолжи понатаму, кучињата ќе лаат, а од ден на ден отпадот ќе се трупа во Авгиевите штали. Дали тоа има смисла? Да, има! Македонија не доби ништо од овој спор, но некои се збогатија многу и од конфликтот и од неговото решавање, нели? Бизнис, заклучува соговорникот од Бугарија.
И бугарскиот професор Димитар Атанасов оценува дека бугарската држава тешко дека ќе се согласи да ги вклучи Македонците во графите за пописот на населението. Вели дека не знае дали македонската Влада воопшто би се обидела да води таква битка. Категорично тврди дека македонското општество прави суштинска грешка со тоа што ја идентификува Бугарија како потенцијален фактор во однос на францускиот предлог.
Атанасов за „Локално“: Бугарија тешко дека ќе се согласи за графа „Македонец“ на следниот попис
Пред неполн месец, бугарскиот претседател Румен Радев уште еднаш го повтори ставот на Бугарија дека неговата земја не прифаќа измени на договорот со Македонија.
Во разговор со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на Минхенската безбедносна конференција, Радев нагласи дека Македонија треба да го спроведе европскиот консензус од 2022 година и дека Бугарија не поставува нови барања, но истовремено не прифаќа промени на постигнатите договори.
Услов за продолжување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ е вклучувањето на Бугарите во Уставот, што за ВМРО-ДПМНЕ, е неприфатливо, и бараат промените да стапат на сила по завршувањето на преговорите.
Н.П.