Обид за ноќна стража на гробот на Гоце Делчев, полицијата постави кордон

од Nikola Popovski

Вечерва педесетина граѓани со македонски знамиња и транспаренти дојдоа до скопското Кале, со цел за да чуваат ноќна стража на гробот на Гоце Делчев. Сепак тие беа спречени во намерата откако беа запрени на почетокот на улицата „Самоилова“ од полициската барикада, поставена уште во текот на вчерашниот ден.

Граѓаните кои тргнаа од плоштадот Македонија, во моментов стојат пред барикадите, пеејќи патриотски песни и извикувајќи ги слоганите „Никогаш Северна, само Македонија“. Најавуваат дека имаат план да останат до изутрина за кога и официјално ќе почне чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

Полицијата која изобилува во голем број сочинета од специјалци и службеници во цивилно, не дозволува ниту присутните, ниту неакредитирани граѓани да се упатат кон црквата Свети Спас. Угостителските објекти во непосредното опкружување во чаршијата не работат.

Од Владата посочуваат дека прославата ќе започне од 8 часот изутрина. На гробот на Гоце Делчев цвеќе ќе положат повеќе делегации, кои се претходно најавени во надлежните институции за овој настан.

Слични содржини