Во руската јавност веќе се појави видео од Узбекистанец осомничен за ликвидација на генералот Игор Кирилов, шеф на нуклеарната заштита, биолошката и хемиската одбрана на силите на Русија, кој вчера беше разнесен со експлозив пред зграда во Москва.
Според објави на дел од руските медиуми, името на осомничениот е Ахмад Курбанов (29).
Објавено е видео од сослушувањето на Курбанов од руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) на кое тој признава дека постапил по инструкциите на украинските безбедносни служби, за што му ветиле 100.000 долари и живот во ЕУ.
„Вработените во украинските специјални служби вклучени во организирање терористички напад ќе бидат пронајдени и ќе ја добијат заслужената казна“, нагласуваат од ФСБ.
Курбанов ја активирал експлозивната направа поставена под електричниот тротинет во моментот кога Кирилов ја напуштил зградата во која живеел во еден кварт во Москва. Бомбата била активирана со далечински управувач.
Кирилов бил ликвидиран во 6:12 часот по локално време, а украинските служби наводно се гледале преку пренос во живо, извршен од страна на осомничениот.
View this post on Instagram
Како што изјавил самиот осомничен, подготовките за нападот траеле неколку месеци. Според неговите зборови, тој дошол во Москва по инструкции на украинските специјални служби и го купил тротинетот. Потоа пристигнале компонентите на бомбата.
Според информациите од социјалните мрежи, Курбанов не бил првпат во Москва. Тој веќе престојувал во руската престолнина во 2015 година, кога дошол од Узбекистан за да работи во чајџилница.