И оваа година официјално стартуваше конкурсот за истражувачки стории за земјите од Западен Балкан и Турција во организација на Европската Унија за наградата ЕУ за истражувачко новинарство.
Во рамки на конкурсот, право на пријавување ќе имаат сите новинари кои објавиле истражувачки стории во периодот од 1 јануари до 31 декември 2020 година поврзани со слободата на изразување, владеењето на правото, транспаретноста, злоупотребата на моќта и основните човекови права и корупцијата и криминалот.
Може да се пријават поединци или групи на новинари од печатените и онлајн медиуми, радијата и телевизиите со свои стории објавени на македонски, албански, на некој од јазиците што ги зборуваат заедниците или на некој од странските јазици.
Рокот за пријавување е до 31 март годинава, а наградниот фонд за Северна Македонија е 10 илјади евра од кои првата награда е 5.000 евра, втората 3.000 и третата 2.000 евра.
Координатор на активностите поврзани со конкурсот во земјава е Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Наградата од Европската Унија за истражувачко новинарство“ на Западен Балкан и Турција има за цел да ги истакне и промовира извонредните постигнувања на истражувачките новинари како и да ја подобри видливоста на квалитетното новинарство во земјите од Западен Балкан и Турција. Наградата е дел од проектот „Зајакнување на квалитетните вести и независното новинарство во земјите од Западен Балкан и во Турција“ администриран од Балканската истражувачка репортетска мрежа во партнерство со седум медиумски организации.