Објавена база на податоци за тероризам и странски борци на Западен Балкан: Колку има во С.Македонија?

од Vladimir Zorba
230 прегледи

Балканската истражувачка мрежа (БИРН) разви база на податоци што содржи информации за осудувања и казни за домашен тероризам, како и за борбите во конфликтите во Сирија и Украина, кои се изречени во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

Базата содржи податоци за 30 лица кои се гонети за домашен тероризам на Западен Балкан, потоа 63 лица од сите пет земји против кои е завршена постапката за престој и поврзаност со сириското бојно поле, поттикнување да одат во Сирија, како и обиди да се патува во оваа земја и 18 лица од Србија, Црна Гора и БиХ на кои им се судеше за учество во борбите во Украина.

Регионалната директорка на БИРН, Марија Ристиќ вели дека базата на податоци е резултат на долгогодишна напорна работа и знаење на новинарите на Мрежата за известување за тероризам.

„Сакавме да создадеме релевантен извор на податоци за регионалниот тероризам за новинари и истражувачи, но исто така и за секој што е заинтересиран за оваа тема. Покрај проверените податоци, сакавме да го споделиме знаењето и искуството на БИРН во известувањето за овие теми “, рече Ристиќ.

Пресудите наведени во базата на податоци го опфаќаат периодот од 2007 година до крајот на 2020 година.

Повеќето лица за домашен тероризам, од кои 14 беа осудени во БиХ за терористички напади и за подготвување и планирање на овие дела на 117 и пол години затвор, додека три лица беа ослободени, а потоа следува Северна Македонија, која осуди 11 лица на казни кои се движат од година и пол до 14 години.

Поради регрутирање, обиди за заминување и останување на сириското бојно поле, најмногу осудени има во БиХ, 28 од нив, по што следи Северна Македонија со 18 и Албанија со девет осудени лица.

Најмал број на гонети има во Црна Гора, која осуди едно лице на шест месеци за сириските и украинските боишта.

Статистичките податоци покажуваат дека највисоката затворска казна за домашен тероризам од 35 години е изречена во БиХ, а најниска за година и пол во Северна Македонија, додека за странските боишта највисоката казна од 18 години е изречена во Албанија, а најниската од шест месеци во Црна Гора.

Повеќето од гонетите за украинското бојно поле беа во Србија, а сите случаи во оваа земја, односно 16 од нив во Базата, завршија со спогодби за признавање на вина и условни казни и домашен притвор.

Директорот на БИРН БиХ, Денис Ѓидиќ, објаснува дека базата на податоци содржи податоци за износот на казни, текстови на пресуди, податоци за криминални досиеја на лица на кои им се судело за тероризам или учество на странски боишта.

„Важно е да се нагласи дека Базата на податоци е отворена за слободна употреба за секого. Може да се пребарува, а ние особено се обидовме да поврземе важни информации, како што се претходни осудувања или други врски помеѓу луѓето на кои им се судеше“, вели Ѓидиќ.

Базата на податоци, исто така, содржи детални прегледи на случаи кои вклучуваат фотографии и видеа, користејќи широко известување на БИРН за овие случаи, како и ресурсен центар кој нуди видео упатства и PDF брошури за тоа како да се известува насилниот екстремизам и тероризам.

Ресурсниот центар е дел од Базата на податоци, која содржи видеа за професионално известување за тероризам, како и предлози за надворешни ресурси на БИРН за подобрување на квалитетот на известувањето за тероризам. Оваа страница содржи детален вебинар подготвен од новинарите на БИРН за професионално известување за тероризам и употреба на оваа база на податоци, како и кратки видеа со основни правила за известување.

Базата на податоци е креирана со финансиска поддршка на Европската унија.

Слични содржини