Објавена карта на НАТО силите во Европа, се стега обрачот околу Русија?!

од Nikola Popovski
310 прегледи

Заканата од руска инвазија на Украина ја нагласува подготвеноста на трупите на САД и НАТО низ Источна Европа, која со децении служеше како тампон зона меѓу Русија и Западот.

„НАТО има четири мултинационални борбени групи со големина на баталјон во Естонија, Латвија, Литванија и Полска, кои работат на ротирачка основа. Секој од нив е предводен од по еден голем член – Велика Британија, Канада, Германија и САД, а се состои од војници од повеќе земји. НАТО минатиот месец објави дека сите четири групи се силни и борбено подготвени“, пренесува Си-Ен-Ен.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, исто така рече дека алијансата е подготвена дополнително да го зајакне своето присуство многу брзо со испраќање дополнителни сили и ресурси во областа.

Во распоредувањето на силите на НАТО се вклучени и американски војници. САД имаат бази во Литванија и Романија, а повеќе во Полска. Американскиот претседател Џо Бајден минатата недела официјално го одобри распоредувањето на уште 3.000 американски војници во Полска, Германија и Романија, заедно со 8.500 лица во состојба на готовност.

НАТО нема војници во Украина и не се објавени планови за испраќање сили на таа алијанса во земјата. Сепак, иако Украина не е членка на НАТО, алијансата му дава стратешки совети на Киев, опишувајќи ја врската како „едно од најважните партнерства на НАТО“.