Недолго по почетокот на изградбата на новиот кампус кој ќе биде седиште на неговата компанија, Мате Римац прокоментира дека тоа е посебен проект за него бидејќи сака да ја создаде најдобрата можна средина за своите вработени. Во такво опкружување, нагласи тој, полесно е да се создаваат производи со врвен квалитет, а токму во овој кампус ќе се дизајнираат и развиваат сите идни модели на Bugatti и Rimac, како и компоненти за други производители на автомобили со кои компанијата соработува.
Покрај тоа што е седиште за истражување, развој и производство, кампусот треба да овозможи зголемување на развојните и производствените капацитети од мали проекти до големо производство на електрични погонски системи, батериски системи, како и други технологии. Кампусот ќе биде опкружен со патека за тестирање, а ќе има капацитети за производство и тестирање, одделенија за дизајн и инженерство, па дури и музеј.
Мате Римац денеска на својот Фејсбук профил објави нови фотографии на кои е прикажан напредокот на изградбата на кампусот кој кога ќе биде готов треба да има околу 2.500 вработени. На таа социјална мрежа тој напиша дека покривот е завршен, а наскоро ќе биде готова и трафостаницата од 40 мегавати.
До крајот на годинава, според планираното, треба да биде завршена првата фаза од проектот, по што ќе стартуваат првите производни линии.
Римац напиша и дека целиот простор на кампусот е целосно уреден и дека веќе „играат тетрис за да вклопат се во него“. Тој напиша и дека се работи на дополнителни објекти со слична големина или поголеми.