Американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан денеска во Сараево се сретна со високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, со кого разговараше за најважните предизвици со кои се соочува Босна и Херцеговина, вклучувајќи го и изборниот интегритет.
„Помошникот државен секретар ја потврди силната поддршка на САД за високиот претставник и неговото користење на Бонските овластувања за спроведување и одбрана на Дејтонскиот мировен договор“, објави американската амбасада во Босна и Херцеговина на социјалната мрежа „Икс“.
Тој ја повтори поддршката на САД на БиХ и нивните институции, обезбедувањето на функционалноста на тие институции, како и сузбивањето на запаливата реторика и акциите насочени кон поткопување на БиХ и државните институции.
О’Брајан синоќа пристигна во Сараево, а во текот на денот ќе има бројни средби, меѓу другите, и со членови на Претседателството на БиХ и на Советот на министри на БиХ.
Вонредните овластувања на Советот за имплементација на мирот ѝ беа доверени на Канцеларијата на високиот претставник за Босна и Херцеговина во 1997 година за време на состанокот во Бон, Германија, и беа наречени „Бонски овластувања“.