Обрасната зелена битка: ЈП Паркови и зеленило во центар на политичкиот спор меѓу Џафери и Арсовска

од Илинка Илиоска
187 прегледи

Јавното претпријатие „Паркови и зеленило” излезе со соопштение дека не постои склучен договор со Владата за одржување на дворот на владиниот објект. Според нивните надлежности, претпријатието се грижи за зеленилото во парковите, булеварите и улиците под јурисдикција на Град Скопје, како и за парк-шумите Водно, Гази Баба, СРЦ Сарај и Матка.

Зеленилото во населбите и помеѓу блоковите е во надлежност на локалните општини, додека одржувањето на дворовите на институциите, вклучително и Владата, е обврска на самите институции. Тие треба да се грижат за своите простории или да склучат договор со “Паркови и зеленило” за нивно уредување и одржување. Во моментов, “Паркови и зеленило” не има таков договор со Владата, а според јавно достапен документ, одржувањето на дворот на Владата е предвидено да чини 330 илјади евра.

Оваа информација доаѓа по неодамнешните расправии меѓу техничкиот премиер Талат Џафери и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, околу прашањето кој е надлежен за косење на израснатата трева во дворот на Владата

Во текот на последните денови, Јавното претпријатие “Паркови и зеленило” се најде во центарот на остра расправа меѓу техничкиот премиер Талат Џафери и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Предмет на спорот произлезе заради израснатата трева во дворот на Владата.  Џафери изјави дека одржувањето е обврска на Град Скопје, додека Арсовска инсистира дека Владата треба сама да се погрижи за својот простор или да склучи соодветен договор со ЈП “Паркови и зеленило”.

Ситуацијата ескалираше откако Џафери ја повика Арсовска да нареди косење на тревата, на што таа одговори дека ЈП “Паркови и зеленило” е надлежно за одржување на градските булевари и паркови, а не за дворот на Владата. Оваа размена на зборови предизвика голем интерес во јавноста и дополнително го зголеми фокусот врз прашањето за одржувањето на јавните простори во главниот град.

 

И.И

 

Слични содржини