Образовна реформа: Најавени нови наставни предмети, а од традиционалните ќе бидат исфрлени непотребните содржини

од Берта Китинска
183 прегледи

Се подготвуваат нови предмети во образованието како што најави премиерот Зоран Заев, ќе се воведе медиумската и дигиталната писменост, како и екологијата и хигиената ќе станат дел од училишната настава.

Воведувањето на наставниот предмет општествени науки, велат од МОН, не значи дека се укинува наставниот предмет историја, туку содржините од него стануваат задолжителен дел од интегрираната наставна програма.

Преку интегрирање содржини од историја, граѓанско образование и географија, наставниците по овие предмети ќе продолжат да работат во училиштето, но сега заеднички ќе ја планираат наставата. Концепцијата за основно образование, како што вчера појаснија од МОН, ја дава „рамката” според која се планира основното образование и документот не ги брише содржините од наставните предмети, ниту пак предвидува менување на содржините од предметот историја.

Изработката на поединечните наставни програми ќе следува по развојот и прифаќањето на концепцијата. Наставните програми ќе бидат изработени од наставници, универзитетски професори и советници од Бирото за развој на образованието.

Според МОН, интегрираните наставни програми позитивно влијаат на постигнувањата на учениците и им овозможуваат да го користат наученото и надвор од определен предмет, да го користат своето знаење креативно и да развијат критичка мисла и ефективни стратегии за учење.

Тие уверуваат дека концепцијата за основно образование не го одредува бројот на наставници. Направените анализи, според нив, укажуваат дека сите наставници остануваат на работа, бидејќи севкупниот број на часови во наставниот план не е намален.

Со предвидените слободни изборни предмети, наставниците имаат слобода и можност да ја искористат својата креативност во изработка на наставни програми за изборните предмети, според интересите и барањата на учениците.

– Во подготовката на новата Концепција, МОН се водеше од истражување, спроведено во ноември 2020 на 4168 наставници, кои ги идентификуваа потребите од образовна реформа и аспектите на кои таа треба да се базира. Исто така, земени се предвид анализите од меѓународни релевантни организации и институции кои укажуваат дека се потребни итни и неодложни реформи на образованието, информира вчера МОН во соопштението придружено со презентација.

Намерата на Владата, како што вчера нагласи премиерот Зоран Заев, не е да ги укине предметите историја, географија, физика или биологија во образованието.

– Фузирањето значи ефикасност, намалување на наставните содржини кои се вишок и не им се потребни на учесниците со цел да добијат дополнителнa можност за општествени и социјални дејности во рамки на времето кое го поминуваат во училиште, истакна премиерот Зоран Заев, појаснувајќи го новиот концепт.

Тој нагласи дека нема да се брза со оваа реформа, иако, како што рече, таа е важна и треба час поскоро да се започне. Премиерот посочи дека внимателно ќе се слушнат сугестиите од сите засегнати страни.

– Тука е експертската јавност, тука се универзитетите, тука се наставниците, професорите, но и стручните служби од МОН, Бирото за развој на образованието, Педагошката служба и сите релевантни институции за ова прашање, рече Заев.

Слични содржини