Образовниот процес и семејното воспитување главни фактори за радикализирање на младите Македонци

Потребна итна и соодветна реакција на општеството, вели за „Локално“ Павле Трајанов, Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам

од Бисера Трајковска
44 прегледи Фото: Фејсбук

Случајот со ракометарот Мартин Сипковски (21) кој загина од експлозија во стан во Белград, а кој имал кај себе експлозив „Пентрит“, што го разнел станот, повторно го отвори прашањето за радикализам кај младите, зошто е толку присутен и што е она што доведува до радикализирање на младите во Македонија, а најважното е дали државата презема доволно мерки за понатамошното спречување на ваквите појави.

Националниот координатор за борба против тероризам и насилен екстремизам Павле Трајанов за „Локално“ вели дека ова е феномен кој е присутен секаде, не само во Македонија.

Тој појаснува дека најпрвин кај младите се јавува вербална агресивност, но подоцна и во облик на насилство.

-Своевремено ова беше вообичаено за навивачи, но сега постои и друг вид на агресивност. Тоа е нова агресивност или екстремизам против владини институции. Како тренд ова е присутно во цела Европа. Вакви групи се формираат на социјални мрежи и комуницираат меѓу себе, се договараат како да направат некоја штета на државни објекти, а некои заговараат и како да прекинат снабдување со електрична енергија. Другите пак, се договораат да предизвикат пожар со тешки последици. Ова е исто така многу присутно и во САД, вели Трајанов.

Како што појаснува, фактори кои влијаат на радикалното однесување се средина и амбиент во кој живеат младите, но и невклопување во општеството и во училиштето. Вели дека за ова е потребна соодветна реакција на општеството.

Тој информира дека Комитетот за спречување на екстремизам и тероризам најмногу работи на вакви случаи.

Напомена дека во моментот се разработуваат стандардни, оперативни процедури, како да се препознаат рани знаци на радикализација.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВ Сител

-Ова се имплементира во училишта во неколку општини. Постојат локални и мултидисциплинарни тимови, составени од педагози, Центри за социјална работа и полиција. Се проверува и соодветно се реагира ако има елементи на појава на знаци кај неколку деца во училишта, вели Трајанов.

Тој појаснува дека процесот на радикализација зависи од самото почетно воспитување од страна на семејството. Тоа е првиот чекор, а потоа влијание има средината и образовниот систем.

-Тоа е така наречен мек пристап, каде  што со координација на Националниот комитет, го спроведуваат невладините организации. Поточно, повеќе од 20 невладини организации во Македонија се вклучени во тој процес на превенција и откривање на рани знаци на радикализација. Ние имаме систем и стратегија, додаде Трајанов.

Во меѓувреме, Европската унија го подготвува новиот Заеднички акциски план за спречување и справување со тероризам и насилен екстремизам за Западен Балкан. 

По однос на ова прашање, Трајанов вели дека нашиот комитет бил активно вклучен и некои наши идеи се вградени во тој нов заеднички акциски план со земјите од Западен Балкан.

-Ние ја сугериравме поврзаноста на организираниот криминал и тероризмот. Тоа го ставивме како посебна тема, а се зборува и за  онлајн радикализација, односно како целиот процес на радикализација се одвива на социјалните мрежи. Тоа е огромен проблем бидејќи службите на Балканот и кај нас не можат да ги следат, рече Трајанов.

Како што посочи, формирана е и работна група, која што треба да подготви Закон за следење на онлајн радикализација.

Најави дека законот треба да биде подготвен следната година и според него, не постои друг начин за следење и спречување на радикалните содржини.

Б.Т.