Поради напнатата и тензична политичка ситуација ОБСЕ порано и со повеќе набљудувачи ќе ги следи изборите закажани за 24ти април следната година. Регуларноста на изборите ќе ја следат 24 долгорочни набљудувачи и уште 300 други на денот на изборите, објави организацијата. Ова е за стотина повеќе од ланските избори, објави 24 Вести.

обсе

Голем дел од претставниците на ОБСЕ ја карактеризираа политичката ситуација како напната и кревка, главно како резултат на долгогодишните судири меѓу власта и опозицијата и намалената доверба во државните институции. Има загриженост дека тоа може негативно да влијае врз спроведувањето на изборите. На претстојните избори и се гледа од страна како важен тест за земјата при нејзините аспирации за членство во ЕУ и во НАТО.

Во последниот документ на ОБСЕ се наведува дека генерално може да му се верува на новиот формат на ДИК и капацитетот за спроведување на изборите, но има загриженост поради доцното именување на новите членови што може да ги попречи изборните подготовки. Загриженост има и за медиумското покривање на изборите но и сомнеж околу независноста на Агенцијата за медиуми.

Претставници на ОБСЕ/ОДИХР изразија загриженост во врска со недостатокот на рамнотежа во известувањето на медиумите, вклучително и на Јавниот радиодифузен сервис, како и апсењата, физичките напади и други форми на заплашување на новинарите. Со најновите измени се воведуваат одредби за еднаков и балансиран медиуми пристап за сите изборни кандидати. Меѓутоа, неколку соговорници изразија загриженост во врска со независноста на Агенцијата и нејзината способност да обезбеди непристрасен надзор.

Набљудувачите на ОБСЕ вниманието ќе го насочат кон спроведувањето на новите законски измени околу изборите, работата на изборната администрација, процедурите за ажурирање на избирачкиот список, изборната кампања, потенцијалниот притисок врз гласачите, злоупотребата на државните ресурси, медиумското покривање, придржувањето до финансиските правила на кампањата, ефективното процесуирање на жалбите и приговорите на денот на изборите, како и „пребројувањето на гласовите“, што за првпат се споменува како проблематично во Македонија.

Слични содржини