Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека поднело обвинителен акт против едно лице во врска со тешка сообраќајна несреќа што се случи на 1 јули годинава на улицата „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, во близина на Паркот на франкофонијата во центарот на Скопје, кога возачот на мотор прегази и уби пешак, а повреден беше сопатник на моторот.
„Обвинетиот управувал мотор „Кавасаки“ по пешачка патека, иако немал возачка дозвола и возел спротивно на сообраќајните прописи. Иако брзината на моторот била 35 километри на час, таа се смета за небезбедна на локација која е наменета исклучиво за пешаци. Поради тоа, обвинетиот не успеал навреме да запре и удрил во пешакот Југослав Николовски (1957), кој се здобил со тешки телесни повреди. Повреден бил и сопатникот на моторот. Наместо да укаже помош, обвинетиот го напуштил местото на несреќата, оставајќи го моторот зад себе. Пешакот бил пренесен на Ургентниот центар во Скопје, каде подоцна им подлегнал на повредите. Обвинителството го товари лицето за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, пишува во соопштението од ОЈО.
До Судот е доставен и предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот.