Обвинение за пустошење на шумите во НП Пелистер: Директорот и четворица вработени пред суд за нелегална сеча и прибавена корист од 1,7 милиони денари

од Илинка Илиоска
71 прегледи

Битолското Основно јавно обвинителство поднело обвинителен предлог против пет физички лица и Јавната установа Национален парк „Пелистер“ како правно лице поради нелегална сеча на шума, а според ОЈО Битола, дрвата потоа ги продавале во име и на сметка на Националниот парк.

Обвинетите, како што соопштија денеска од Јавното обвинителство, се товарат за кривичното дело Пустошење шума, според член 226 од Кривичниот законик (КЗ).

Обвинение во врска со случајот, додаваат од Обвинителството, е поднесено и против в.д. директорот на Националниот парк „Пелистер“, како одговорно лице. Тој е обвинет за несовесно работење во службата според член 353в од КЗ.

Делото за кое се товарат петтемина, од кои тројца се шумски работници, го сториле на неутврден датум во периодот од крајот на септември до 9 октомври минатата година на местото Голема Ливада во рамките на Националниот парк. Тие исекле поголема количина дрва без одобрение и без претходно извршен преглед од инспектор за шумарство.

„Врз основа на усна наредба на двајцата првообвинети, преостанатите тројца шумски работници, без претходно одобрение и извршен преглед на ознаката за сеча од овластен инспектор за шумарство од Државниот инспекторат за шумарство, од Националниот парк ‘Пелистер’ бесправно исекле 85 стебла молика и 24 стебла ела во вкупна количина на дрвна маса од 168,63 кубни метри, со намена за нивна продажба како дрвна маса во име и за сметка на обвинетото правно лице ЈУ Национален парк ‘Пелистер’“,се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

В.д. директорот на Националниот парк, пак, е обвинет дека од небрежност несовесно постапувал при извршувањето на своите овластувања и должности и не обезбедил законито и соодветно управување на установата.

„Тој бесправно исечените дрвја и друга дрвна маса за која нема доказ дека е сечена согласно закон ги продавал во име и за сметка на ЈУ Национален парк ‘Пелистер’ Битола како техничка дрвна маса на три правни лица, со што обвинетиот прибавил имотна корист на ЈУ Национален парк ‘Пелистер’ Битола во износ од 1 752 287 денари (околу 28 500 евра)“,информираат од Обвинителството.

Слични содржини