Јавен обвинител од ОЈО Кочани изврши увид на местото на настанот, издадени се повеќе наредби за утврдување на причините за сообрачајната несреќа, која се случи на експресниот пат Штип-Кочани, а во која две лица го загубија животот на лице место, информираа од обвинителството.
-На увидот присуствуваше и вешто лице од областа на сообраќајот, а според првичните сознанија до несреќата дошло при претекнување. Издадена е наредба за прибирање траги од лице место, за обдукција на телата на починатите, наредба за испитување на примероци од крв и урина од учесниците во несреќата, а ќе биде наредено и сообраќајно-техничко вештачење, се вели во соопштението од обвинителството.
МИА претходно информираше дека според директорката на Општата болница-Кочани, Душанка Горгиева Трпевски во првичниот момент кај нив се пренесни седум повредени во оваа сообраќајна несреќа. Но, поради сериозноста на повредите дел од пациентите се препратени во болниците во Штип и Скопје.
Надлежните од штипската Клиничка болница попладнево за МИА информираат дека кај нив се пристигнати пет пациенти од кочанската болница, од кои тројца се останати на иследување во болницата, а двајца повредени поради сериозноста на повредите се транспортирани на Клиниките во Скопје. Според информациите од портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова несреќата е пријавена во 12 часот и 42 минути, а се случила меѓу возила голф со кочански, ситроен со винички и сеат ибица со скопски регистерски таблички