Обвинителството се спогоди со судијата Наќе Георгиев, доби казна затвор од три години и забрана за вршење професија

од Илинка Илиоска
63 прегледи

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска склучи Предлог – спогодба со осомничениот судија во Врховен суд, Наќе Георгиев, за кој постоеше основано сомнение дека сторил кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Георгиев прифатил да му биде изречена казна затвор од три години, и забрана за вршење на професија.

Како што информираат од ОЈО ГОКК, потпишувајќи ја предлог – спогодбата осомничениот Наќе Георгиев не спори дека го сторил кривичното дело и имајќи ја предвид запретената казна затвор од една до десет години за ова кривично дело, прифатил да му биде изречена казна затвор во траење од три години, како и Забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години.

Во соопштението на ОЈО ГОКК стои дека според прибраните докази и описот содржан во диспозитивот на предлог – спогодбата, осомничениот Н.Г. од 06.04.2024 година до 20.05.2024 година во Струмица и Скопје, како службено лице – судија во Врховен суд на РСМ со искористување на своето претпоставено влијание, службена и општествена положба и углед, за наводна интервенција во предмет што се водел во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во два наврати директно побарал и примил награда од вкупно 15.000 евра во денарска противвредност од 922.500,оо денари.

– Откако на почетокот на месец април 2024 година, сведокот, против чиј татко се водела постапката, побарал помош од Н.Г, тој, како награда за да ги утврди околностите за интервенирање во кривичната постапка, побарал 5.000 евра од сведокот кои му биле предадени на Н.Г во неговиот дом во Струмица. На средбата Н.Г му рекол на сведокот дека ќе се обиде да издејствува минимална затворска казна од три години затвор за неговиот татко. Потоа сведокот и Н.Г. имале уште неколку средби и на една од нив Н.Г му кажал на сведокот дека за сума од 30.000 евра преку осудениот И.М. кој е заменик претседател и член на Советот за јавни обвинители наводно ќе интервенираат да се спроведе постапка за спогодување со неговиот татко – осомничен во предмет што се водел во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции од чл.215 ст.3 в.в. со ст.1 од Кривичен законик, стои во соопштението од ОЈО ГОКК.

Притоа, како што дополнуваат, Н.Г појаснил дека при утврдување на видот и висината на казната на татко му ќе му биде предложена и утврдена казна затвор од пет години, како минимална казна за предметното кривично дело, напоменувајќи му на сведокот дека доколку не се интервенира, татко му, по поднесен обвинителен акт, во судска постапка ќе добие многу поголема затворска казна и дека за цело времетраење на постапката, ќе му биде продолжувана мерката притвор.

– Осомничениот Н.Г. му ветил на сведокот дека во иднина преку неговото реално влијание, службена и општествена положба и углед како судија во Врховниот суд, преку други лица, ќе интервенира, тогаш веќе осудениот татко на сведокот, да добива погодности во текот на издржувањето на казната затвор, а по исполнувањето на условите да добие и условен отпуст од издржување на затворската казна. За да ги поткрепи своите ветувања осомничениот Н.Г. во три наврати во присуство на сведокот, преку апликацијата Ватсап комуницирал со осудениот И.М, кој разговор го слушал и сведокот, кога осудениот И.М кажал дека наводно се преземени сите дејствија за интервенирање за да биде одобрено барањето за склучување на предлог спогодбата така како што ветувал осомничениот Н.Г.,дополнуваат оттаму.

По постигнатиот договор и наводните преземени дејствија за интервенирање, осомничениот Н.Г и сведокот се договориле наградата во износ од 20.000 евра да му биде дадена по потпишувањето на предлог спогодбата и нејзиното одобрување од страна на судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје, со што би се потврдило нивното влијание.

– Откако спогодбата со осомничениот татко на сведокот била потпишана и потврдена од судот на 20.05.2024 година, осомничениот Н.Г и сведокот истиот ден се сретнале на паркинг просторот кај Хотел Вип. Осомничениот Н.Г кој пристигнал со ПМВ Ауди А6, излегол од истото и влегол во возилото на сведокот, ПМВ Пасат и по краток разговор, сведокот му предал бело хартиено плико во кое имало половина од наградата, во износ од 10.000 евра. Осомничениот Н.Г. го ставил пликото во внатрешен џеб од неговото сако, излегол од возилото и се вратил во неговото возило. Во тој момент овластени полициски службеници пристапиле до возилото на врховниот судија кој седел на возачкото место и во еден момент тој го извадил пликото со паричните средства и го ставил помеѓу возачкото и совозачкото седиште каде при преглед на возилото биле пронајдени 10.000 евра кои претходно биле крим- технички обработени, појаснуваат оттаму.

Предметниот обвинител имајќи ги предвид степенот на кривичната одговорност, побудите од кои е сторено делото, јачината на загрозувањето на заштитното добро, како и поранешниот живот на сторителот и неговите лични прилики ценел дека за кривичното дело што му се става на товар со одмерената единствена казна затвор во траење од три години, ќе се остварат целите на казнувањето во поглед на специјалната и генерална превенција предвидени во чл. 39 од Кривичниот законик.

– Во казната ќе му се засмета и времето поминато во притвор и истиот веднаш ќе биде упатен на издржување на казната затвор. Воедно, бидејќи ја злоупотребил својата професија, дејност или должност заради извршувањето на кривичното дело и врз основа на природата на извршеното дело и околностите под кои е сторено, може да се очекува дека таквата дејност ќе ја злоупотреби за повторно вршење кривично дело судот да му изрече и Забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години. Дополнително, криминалистички обработените банкноти што беа пронајдени во ПМВ на осомничениот ќе бидат вратени на сведокот, а останатите 5000 евра ќе бидат конфискувани во корист на Буџетот на РСМ како стекната имотна корист од кривично дело, велат од ОЈО ГОКК.

Вчера и членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети признал вина и се спогодил со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на условна казна затвор од една година и забрана за вршење на професија, дејност или должност на службено лице во период од три години за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“.

Мемети претходно, како што соопштија од ЈОРСМ, поднел неотповиклива оставка како член на Совет на јавни обвинители која ја доставил до Собранието на РСМ.

Слични содржини