Првото основно Јавно обвинителство во Белград отвори предмет и му наложи на српското Министерство за внатрешни работи да утврди дали за време на протестот организиран од студентите во блокадата биле употребени пиротехнички средства, оружје или други општо опасни средства кои можеле да ги загрозат насобраните граѓани.
Случајот е поднесен откако за време на 15-минутниот молк на вчерашниот студентски протест се слушна силен и необичен звук кој предизвика паника, трчање, туркање и паѓање на граѓаните собрани на улицата Крал Милан во Белград.
Исто така, наредено е да се утврди дали некој од насобраните граѓани бил повреден и доколку тоа е случај, да се обезбеди медицинска документација за видот и тежината на здобиените повреди, соопштија од Првото основно јавно обвинителство.
По утврдувањето на целосната и точна фактичка состојба, обвинителството најави дека ќе донесе одлука дали дејствијата на засега непознатите лица претставуваат кривично дело предизвикување општа опасност или некое друго кривично дело за кое гонење се презема по службена должност.
Во барањето и се наложува на полицијата да утврди дали се точни информациите дека одредени лица со претставки, по овој настан, контактирале со Здружението на граѓани Белград Центар за човекови права, и доколку е така, да се утврди во колкав број и да се добијат нивните податоци, како и податоците на други лица кои имаат информации за можни повреди на присутните на протестот.
Српските министерства за одбрана и за внатрешни работи ги отфрлија наводите на некои медиуми и на социјалните мрежи дека на вчерашниот протест бил употребен звучен топ.
Од друга страна, опозициските политичари го обвинија Вучиќ дека звучниот топ го насочил кон сопствениот народ.
„Како вистински терорист, Вучиќ употреби забрането оружје против својот народ и младина! Неговата омраза кон својот народ го достигна својот врв!“ изјави опозиционерката Мариника Тепиќ.