Очите на Земјата – алатката за 3D визуелизација на НАСА во реално време – им овозможува на корисниците да ги следат сателитите на вселенската агенција, како и да гледаат витални податоци од истражувањето. Неодамна беше надградена, па сега нуди уште пофасцинантни и интерактивни податоци за планетата на која живееме.
Со инструментот, секој може да ги следи виталните знаци на планетата – сè, од јаглерод диоксид до нивото на морето и нивото на влага во почвата – како и да ја следи флотата на копнени сателити кои ги обезбедуваат достапните мерења. Податоците може да се претстават и со анимирани графикони, на пример низ временски опсези.
Најновата верзија на „Очи на земјата“ нуди и снимки од значајни настани во природниот свет. На пример, можете да видите детали за максималната брзина на ветерот на тропска бура, влијанието на пожарот во Северна Калифорнија, размерите на цветањето на фитопланктонот во Нов Зеланд – и зошто секоја од овие работи е важна.
„Со најновите достигнувања во технологијата, ние сме во состојба да ги користиме овие иновации за да комбинираме поголеми количини на податоци и слики за корисниците да добијат визуелна идеја за тоа како нашата планета постојано се менува“, рече Џон Нелсон, извршен директор за развој на апликации и визуелизација во НАСА.
Апликацијата може да биде вреден придружник за љубопитните ученици и студенти, бидејќи овозможува длабинско и темелно истражување на одредени теми и проблеми, врз основа на вистински научни податоци.