Од 1 јануари зголемување на капитацискиот бод на лекари по општа медицина, гинекологија и стоматологија

од Vladimir Zorba
138 прегледи

Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на последната седница, одржана вчера, донесе одлука од први јануари 2023 година да ја зголеми вредноста на капитацискиот бод за избраните лекари по општа медицина и гинекологија од 63,00 на 75,00 денари. За избраните лекари стоматолози капитацискиот бод се зголемува од 48,00 на 61 денари, по прикрепено осигурено лице, информираат од ФЗОРСМ.

Одлуката на Фондот за здравствено осигурување уследи по разговорите и преговорите со Лекарската комора на РСМ и Стоматолошката комора на РСМ, а во насока на повисоко вреднување на трудот на избраните лекари и зголемување на квалитетот на пружените здравствени услуги на осигурените лица.

-Заложбите на Фондот се во насока на унапредување на статусот на избраните лекари во примарната здравствена заштита и потребата од нивно поголемо ангажирање во спроведувањето на претстојните реформи во ПЗЗ, велат од Фондот.

Поради тоа, зголемувањето на капитацискиот бод, според ФЗОРСМ, има за цел да поттикне пружање повеќе здравствени услуги на примарно ниво, а со тоа намалување на бројот на упатувања на повисоко ниво на здравствена заштита, како и да поттикне и обезбеди подобрување на превенцијата со навремено откривање, спречување и сузбивање на незаразни заболувања кај населението во нашата држава.

Слични содржини