Од денеска болните од ковид во Јужна Кореја сами ќе се лекуваат

од Milan1
193 прегледи

Јужна Кореја денеска објави дека пациентите со благи симптоми на коронавирус ќе мора да се лекуваат сами за да се ослободат медицински ресурси за посериозни случаи.

Ваквиот развој на ситуацијата доаѓа во време кога новите инфекции достигнаа нов максимум во таа земја поради забрзаното ширење на соевите на омикрон, пренесува Ројтерс.

Јужнокорејските власти од денеска ќе обезбедуваат нега само на пациенти постари од 60 години или оние со некои заболувања, додека другите ќе мора сами да ја следат нивната состојба и да побараат лекарска помош од одредени клиники доколку состојбата им се влоши.

Медицинските комплети, кои вклучуваат уред за мерење на концентрацијата на кислород во крвта, термометар и лек за температура, кои досега беа достапни за сите пациенти кои се лекуваат дома, сега ќе се делат само на приоритетните групи.

Тоа значи дека пациентите со или без благи симптоми сега ќе мора да купуваат такви предмети на свој трошок. Јужнокорејската влада исто така претходно ја укина мерката за следење контакти и задолжителна самоизолација.

– Претходната шема повеќе не е реална во светлината на нашите ограничени ресурси и носи огромни социјални и економски трошоци во споредба со нашите медицински потреби, рече на прес-конференција портпаролот на јужнокорејското Министерство за здравство, Сон Јунг-Рае.

Дневниот број на нови случаи во Јужна Кореја достигна нов дневен рекорд од 54.122 во изминатите 24 часа, со што вкупниот број на заразени достигна 1.185.361 во популација од 52 милиони, соопшти Корејската агенција за контрола и превенција на болести (KDCA)

Слични содржини