Од напуштена болница до урнатини – истрагата за пожарот во Блато завршена

од Љубиша Владимиров
9 прегледи

Загребската полиција ја заврши истрагата за пожарот што избувна во саботата попладне во магацински простор на недовршената болница во Блато, Загреб. Според првичните наоди, пожарот најверојатно започнал поради отворен пламен од засега неидентификуван извор.

„Материјалната штета сè уште не е утврдена. Кривичната истрага е во тек“, соопшти полицијата накратко.

Пожарот избувнал во саботата околу 17:40 часот во подрумска просторија со површина од околу 1.600 квадратни метри. Во гаснењето учествувале дури 140 пожарникари со 43 противпожарни возила. За среќа, нема повредени лица.

По интервенцијата, градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, изјави дека објектот веќе станал сопственост на државата, и дека просторот со години бил користен како магацин.

„По долги години спорови околу имотно-правните односи, објектот е официјално префрлен на државата преку договор меѓу Градот и Владата. Договорот беше потпишан пред неколку месеци, а постапката за предавање беше завршена пред околу десет дена“, рече Томашевиќ.

Тој додаде дека државата го презела земјиштето источно од старата зграда, каде што е планирана изградбата на Националната детска болница во првата фаза, а во втората – изградба на нова универзитетска болница на местото на недовршениот објект.

„Со оглед на состојбата по пожарот, денес веќе можеме да зборуваме за урнатини“, додаде градоначалникот.

Министерството за здравство, пак, брзо реагираше со соопштение во кое се вели дека државата сè уште формално не го презела објектот и дека одговорноста во моментот сè уште е на Градот Загреб.

„Иако постои договор, управувањето може да биде префрлено само по завршување на сите законски и административни процедури, вклучително и потпишување на целосен записник за примопредавање“, порачаа од Министерството, потенцирајќи дека не сносат одговорност за настанатиот пожар или за состојбата на комплексот.

Повеќе информации се очекуваат по завршување на кривичната истрага и проценката на материјалната штета.

Слични содржини