Oд петок сите маркети на веб-страниците ќе мора да ги објават производите со цени, за непочитување казни и до 100 илјади евра

од Nikola Popovski
81 прегледи

Трговците да имаат своја веб-страница каде ќе ги објавуваат цените на сите свои производи. Ова беше само една мерка која премиерот Христијан Мицкоски кажа дека ќе ја предложи на седница откако ќе се разгледаат анализите за цените од пазарниот инспекторат. Два месеци подоцна мерката стапува на сила. Од петок, сите маркети, аптеки и продавници за техника и мебел ќе мора да ги објавуваат цените на своите производи на официјална веб-страница. Објави на социјални мрежи нема да се сметаат за исполнување на обврската.

Обврската е согласно измените на Законот за заштита на потрошувачи што стапуваат во сила на 18. месецов (петок) откако по нивното усвојување во Собранието и објавата во Службен весник на 4. минатиот месец Министерството за економија во предвидениот рок од 45 дена изготви Правилник за начинот на објавување на цените на стоките и податоците што треба да се објавуваат од страна на мал, среден и голем трговец кој врши дејност трговија на мало.

Во Правилникот е наведено дека малиот, средниот и големиот трговец кој врши дејност трговија на мало согласно Националната класификација на дејностите ги објавува цените на стоките кои ги пласира на пазарот на својата веб-страница на јасен и достапен начин, преку посебен дел на веб-страницата на трговецот посветен на цените (Ценовник).

Трговците се должни да ја објават тековната цена по која се продава производот, единечната цена, промотивната или цената со попуст за секој одделен производ. За производите што се продаваат по промотивна или цена со попуст трговецот е должен да ја означи и нивната редовна цена, процентот или износот на намалувањето на производот, како и времетраењето на промоцијата или попустот.

Ажурирањето на цените трговците треба да го вршат на дневна основа, секој работен ден до 10:00 часот. Во случај на ненамерна техничка грешка во ажурирањето на цените, трговецот треба да ја коригира во рок од 24 часа.

Доколку маркетите не ја почитуваат ваквата одлука ќе се соочат со парични казни од 500 до 10 илјади евра, а во зависност од големината на маркетите, воведена е и поригорозна мерка затворање на маркетот од 15 дена.

Цигарите, алкохолот, станарините, одмор во странство и купување нов автомобил, не се планираат во пресметката на официјалната просечна потрошувачка кошничка, која ја креираат Министерствата за економија, земјоделство, финансии и Пазарниот инспекторат. Конкретната методологија за утврдување на пресметката на цените ќе се базира на податоците на Пазарниот инспекторат и Државниот завод за статистика. Кошничката ќе биде разгледана на Економско-социјалниот совет и таму треба да добие зелено светло од синдикатите и работодавачите. Во делот на храната и пијалоците ќе се прави анализа на цените во различни маркети и ќе се утврдува просечната цена.

Слични содржини