Членовите на Централниот одбор на СДСМ едногласно му дадоа мандат на раководството од понеделник да почне да ги објавува доказите за злоупотребите и криминалите на власта кои беа најавени уште мината есен.

По вечерашната седница на Централниот одбор партијата информира дека од понеделник почнува проектот „Вистината за Македонија“ кој што, како што јавно рече лидерот на СДСМ Зоран Заев содржи докази за системски злоупотреби, прислушувања, лажирања на изборите и други незаконски и криминални дејствија на владата.
„Бомбата“ жестоко се најавува уште од октомври минатата година. Сето тоа доведе и до акцијата „Пуч“ во рамки на која што Зоран Заев, поранешниот директор на тајната полицијата, неговата сопруга и вработен во општина Струмица се осомничени за шпионажа. Оваа акција предизвика лавина реакции во домашната и странска јавност, а владата беше на удар на критики дека акцијата е производ на намерите да се спречи објавување на доказите против нив кои ги поседуваат социјалдемократите.