Малопродажните цени на горивата во Македонија продолжуваат да растат од недела во недела, а Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) со својата најнова одлука само го продолжува овој тренд. Со најновата одлука, цените на нафтените деривати во нашата земја се зголемија за 2,13 проценти во однос на одлуката која беше донесена минатата недела.
Ова значи дека од ноќеска на полноќ цената на Еуродизел се зголеми за 1 денар, додека бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 поскапеа за денар и половина.
Според ова, во текот на следните седум дена Еуродизел ќе точиме за 57 денари по литар, Еуросупер БС-95 ќе чини 67,50 денари, додека Еуросупер БС-98 ќе се точи за 69,50 денари по литар гориво.
Од РКЕ истакнуваат дека во изминатиот седумдневен период референтните цени на светските берзи во просек бележат зголемување кај бензинот за 4,982 %, а кај дизелот за 2,764 %.