Од утре нема онлајн обложување, АСОМ бара итно продолжување на уредбата

352 прегледи

Од утре нема да функционираат онлајн системите за обложување на домашните приредувачи на игри на среќа. Причината е дека истекува владината уредба со која компаниите од овој сектор можеа преку интернет да организираат игри на среќа. Сега од Асоцијацијата на обложувалници бараат под итно да донесе закон кој ќе им овозможи да продолжат да работат онлајн.

Сопствениците на обложувалници велат дека ако државата не овозможи и во иднина да има уплати на ваков начин, ризикува да изгуби 100 милиони евра, пари кои во моментов се неопходни.

„Бараме итно, по скратена постапката, Владата да ја имплементира уредбата во законот за игри на среќа. Владата имаше 6 месеци да најде правно решение за продолжување на уредбата, но тоа не се случи. Апелиравме преку медиумите, но и со дописи до Владата и Министерството за финасии од кои баравме средба, за да ги адресираме сите предизвици, но и придобивките од оваа индустрија“, посочи претседателот на АСОМ, Васко Илијевски.

Од Министерството за финансии засега нема одговор дали ќе се превземе нешто, за да можат граѓаните и натаму ливче да уплаќаат онлајн или љубителите на овој тип игри на среќа ќе мора да дојдат на шалтер.

Инаку за потсетување, во рамки на првиот бран на пандемијата обложувалниците беа меѓу првите кои ставија клуч на врата и тоа два месеци, но и први добија дозвола за работа. И покрај прокнижените загуби велат дека успеале да ги задржат сите вработени. Во обложувалниците и казината во земјава работат 12 илјади работници.

Слични содржини