Од утре почнува во зимскиот рекреативен центар Пониква на Осоговските Планини сезоната за ноќно скијање.
Последните врнежи од снег и релативно ниските температури овозможија скијачките патеки да бидат добро подготвени поради што од концесионерот „Еурокомерц“ – Кочани најавуваат продолжување на дневните со ноќни термини за користење на условите што се нудат.
-За ноќното скијање од овој викенд посетителите ќе можат да ја користат патеката број 1, која целосно е осветлена и во функција е ски-лифтот. Таа е погодна за почетници и напредни скијачи, а на посебен дел е обезбеден простор за санкање на најмладите. Дневниот билет чини 700 денари, а дополнително може да се изнајмат скии, санки, штици за бординг, облека и заштитна опрема за скијање. Исто така, стручни лица нудат обуки за скијање за деца и почетници, истакна Благој Манев, управител на „Еурокомерц“.
За уредувањето и подготовката на патеката за скијање е користена машина ратрак, а доколку има потреба во функција можат да се стават и топовите за вештачки снег.
Ноќното скијање ќе биде во периодот од 17 до 21 часот, а во зависност од интересот на посетителите можно е, освен во викендите, тоа да се реализира и во другите денови од неделата.