Како што е познато, од вчера попладне, полицијата е во потрага по Сашо Мијалков, екс директорот на УБК, кој вчера од страна на судот доби решение за куќен притвор до изрекување на пресудата во случајот „Таргет-тврдина“.
На барање на обвинителството Кривичниот суд издаде решение за куќен притвор за Сашо Мијалков. Полицијата од вчера попладне го бара Мијалков во неговиот стан во Капиштец, куќата на Водно и во хотелот „Мериот“.
Мијалков последен пат бил виден во кафулето „Дистрикт“, во близина на хотелот „Мериот“.
По завршните зборови и на одбраната и на обвинителството, за 26 февруари закажано е изрекување на пресудата за случајот „Таргет – Тврдина“ во кој се обвинети 12 лица, а Мијалков е првообвинет. Тој е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и за примање награда за противзаконито влијание, од кои последното му застарува на крајот на февруари.