Од вечерва на полноќ ќе може да се аплицира за бескаматните кредити

од Vladimir Zorba
364 прегледи

Од вечерва на полноќ почнува поднесувањето кредитни барања за третата бескаматна кредитна линија со грант компонента, Ковид 3, која ја реализира Развојна банка на Северна Македонија. Третата бескаматна кредитна линија се реализира со финансиска поддршка од Европска Унија преку активноста ЕУ за Отпорност од ИПА програмата во вкупен износ до 30 милиони евра и со буџетска поддршка во износ од еден милион евра.

Кредитната линија е за микро и мали трговски друштва, трговци поединци и занаетчии чие работење е погодено од КОВИД-19, а се мери преку падот на приходите од најмалку 20%.

Јавниот повик е отворен за поднесување кредитни барања од 16 декември 2020 година од 00:01 часот до 30 декември 2020 година заклучно со 23:59 часот, вкупно 15 дена.

Аплицирањето се прави исклучиво електронски на е-маил адресата kreditiranjecovid3@mbdp.com.mk. Секој апликант при достава на кредитното барање во предметот на е-маил пораката треба да го внесе името на компанијата, градот и формата (ДОО, ДООЕЛ, ТП, занаетчија и друго) со латинични букви.

За потврда дека е-маил апликацијата е пристигната во РБСМ, апликантите треба да добијат автоматска порака како одговор од kreditiranjecovid3@mbdp.com.mk. Доколку не добијат автоматска порака, се препорачува да се провери адресата, како и да се провери големината на документите (треба да е под 8 MB).

На веб страницата на банката има техничко упатство кое треба да се следи при аплицирањето.

Обработката на кредитните барања ќе биде хронолошка како што се пристигнати кредитните барања на kreditiranjecovid3@mbdp.com.mk и ќе започне по завршувањето на јавниот повик.

Слични содржини