Одбележан денот на Одделот за заштита на определени личности и објекти при МВР

од Radmila Tasevska
208 прегледи

Со свечена церемонија на платото пред Објектот на Одделот за заштита на определени лица и објекти денеска беше одбележан 18 февруари, денот кога пред  79 години е формиран Одделот за заштита на определени личности и објекти при Бирото за јавна безбедност во Министерството за внатрешни работи.

Како што истакна началникот на Одделот Александар Нацевски, многу пати досега е реорганизиран за, како што рече, денеска во безбедносни ризици сигурно да се спротивставува на предизвиците со повеќе одделенија и специфични надлежности.

Тој потенцираше дека Одделот својата посветеност и професионалност сублимирани во мотото „Секогаш будни“ ја покажа посебно минатата година која беше со голем број настани во која одделот презел активности и мерки на обезбедување на повеќе од 309 странски делегации кои беа во посета на нашата земја со мерки од I, II, III и IV степен на заштита, посебно потенцирајќи го 30 Министерски самит на ОБСЕ.

-За овој настан Одделот само за лична заштита на ВИП делегациите партиципираше со 420 припадници, како и со 130 припадници за внатрешно и надворешно обезбедување на СЦ „Борис Трајковски, хотелот „Александар Палас“, а во ниеден момент не дозволувајќи да се намали безбедноста кон личностите и објектите кои секојдневно се под наша заштита. За овој настан неопходни беа многуте подготвителни активности, кои траеја повеќе од година и половина, а резултираа со добра координација, сплотеност, одличната меѓу институционална соработка, безрезервната размена на информации, како со безбедносно разузнавачкиот сектор во земјава, така и со меѓународната асоцијација на државни служби за обезбедување на личностите под заштита APPS (Association personal protection services) каде Одделот за заштита на определени личности и објекти од 2021 година е полноправна членка, истакна Нацевски.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека осумдецениското постоење на Одделот укажуваат за богатото професионално портфолио на овој Оддел, за неговиот настанок, раст и развој, за сите успеси на генерациите полициски службеници што го минале работниот век во оваа организациска единица.

-Се работи за специфична, сложена и репрезентативна полициско-безбедносна служба во чии што натамошен професионален и материјално-технички развој Министерството е должно да инвестира, истакна Тошковски.

Тој потенцираше дека во периодот што претстои, и покрај мноштвото предизвици со кои што како држава се соочуваме, Одделот и сите негови вработени треба да продолжат да креираат и градат професионални стандарди и вредности што ќе носат добри и квалитетни резултати.

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во своето обраќање потенцираше дека припадниците на овој Оддел претставуваат синоним за професионалност, лојалност и чесност во службата кон Министерството и кон државата, докажувајќи ја својата  професионалност во име на општото добро многу пати досега изминативе скоро осум децении.

Тој нагласи дека целта на Министерството е да продолжи да ги гради нивните капацитети, создавајќи подобри услови за работа, воведување иновации и обуки со цел маскимизирање на нивната ефикасност и  професионалност.

-Одделот беше и остана првата линија на одбрана на сите закони. Денеска е на висина на својата задача, благодарение на добрите домаќински политики на раководството на МВР и подобрените  услови за работа, рече Бојмацалиев.

Вети дека Министерството за внатрешни работи ќе продолжи да биде силен поддржувач на Одделот за заштита на определени личности и објекти како и досега, обезбедувајќи ги сите потребни ресурси  и поддршка за извршување на својата мисија.

Слични содржини