Федералниот судија на Флорида, Ајлин Кенон, го отфрли денеска аргументот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп дека случајот во кој го обвинуваат за незаконско задржување доверливи документи треба да се отфрли бидејќи тој ги сметал документите за свои лични досиеја, пренесува „Хил“.
Трамп тврдеше дека чувал високо доверливи документи на својот имот на Флорида во согласност со американскиот закон кој им дозволува на поранешните претседатели да ја задржат личната евиденција што не е поврзана со нивните официјални задолженија.
Кенон изрази скептицизам на сослушувањето на 14 март дека случајот треба да биде отфрлен врз основа на аргументите на Трамп, но рече дека тој може да има „некое влијание“ во рамките на одбраната на судењето.
На 18 март, таа побара од Трамп и од специјалниот советник Џек Смит, кој го покрена случајот, да предложат инструкции за потенцијалната порота за тоа како да ги разгледа тврдењата на Трамп дека документите биле лични.
Кога станува збор за овој случај, се уште не се разрешени аргументите на Трамп дека има претседателски имунитет и дека е селективно мета на обвинителите.