Одморот во странство нема да влезе во потрошувачката кошничка: Дали веќе зборуваме за преживување или живот?

од Nikola Popovski
215 прегледи

Цигарите, алкохолот, станарините, одмор во странство и купување нов автомобил, не се планираат во пресметката на официјалната просечна потрошувачка кошничка, која ја креираат Министерствата за економија, земјоделство, финансии и Пазарниот инспекторат. Конкретната методологија за утврдување на пресметката на цените ќе се базира на податоците на Пазарниот инспекторат и Државниот завод за статистика. Кошничката ќе биде разгледана на Економско-социјалниот совет и таму треба да добие зелено светло од синдикатите и работодавачите. Во делот на храната и пијалоците ќе се прави анализа на цените во различни маркети и ќе се утврдува просечната цена. Целта е да се определат реалните парични средства потребни за покривање на трошоците за живот. Од ресорот економија велат дека кошничката нема да биде за креирање на јавно мислење ниту за политиканство. Според него, актуелната кошничка не соодејствува на реалната состојба и потребите.

-Нашата потрошувачка кошничка сигурно нема да користи алкохол, цигари, летување во странство во пресметките бидејќи тоа го сметаме за луксуз. Исто така нема да има овошје кое не е карактеристично за одредена сезона во годината. Сето ќе биде врз база на релевантни податоци и релевантни цени на производи и податоци од повеќе маркети. Сите цени ќе се земат во предвид. Никој не го скратува правото на одмор, но, сепак одењето на одмор во странство не може да си го обезбеди секој граѓанин во земјава – сметаме дека не е еден од податоците кој треба да влезат во пресметката на просечната потрошувачка кошничка. Не можам сега да ги откријам сите податоци, изјави пред неколку дена заменик-министерот Марјан Ристески.

Висар Адеми

Јавноста и експертите поделени околу ваквите најави. Иако дел обвинуваат дека власта измислила сама да пресметува колку „чини животот“ на граѓаните и дека одморот не треба да претставува луксуз, друг дел оценува дека правилна е одлуката за ревидирање на производите во кошничката. Според економскиот аналитичар, Висар Адеми се знае што има во минималната потрошувачка кошничка – базични работи како храна, пијалок, трошоци за станбено живеење, кирија, вода, интернет, транспорт, облека, здравство, трошоци за образование и транспорт од местото на живеење до работа. Во изјава за „Локално“ истакнува дека тие се тие минимални трошоци за живот и сега ако се земе во предвид за едно четиричлено семејство, му доаѓа околу 1000 евра.

-Државниот завод за статистика не ја прави таа калкулација за потрошувачка кошничка туку прави трошоци за живот. Според нив, минималниот трошок за живеење со кирија е околу 78 илјади денари. Без тие пари не може да преживее едно четиричлено семејство. Без киријата му доаѓа околу 65 илјади денари, потенцира Адеми.

Тој се согласува со власта дека во кошничката не треба да влегуваат сезонските овошја затоа што зборуваме за минимална кошничка, а не за просечна со сите овие работи.

-Не влегуваат цигари затоа што може да се каже дека сега стануваат луксузни работи како и сезонското овошје, истакнува аналитичарот.

Од друга страна, експертите и познавачите на состојбите бараат методологијата мора да биде објективна, транспарентна и во согласност со меѓународни стандарди. Според поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски, исклучувањето на артикли како цигари и алкохол е оправдано, но треба да се внимава да не се елиминираат и сезонски продукти кои реално се дел од секојдневната исхрана. Сепак, посочува дека прашањето не е толку дали е потребна „нова“ кошничка, туку дали постојната се пресметува врз основа на релевантна методологија што ќе биде прифатена од сите засегнати страни.

Миноски: Исклучувањето на цигари и алкохол од кошничката е оправдано, но да се внимава да не се елиминираат и сезонски продукти кои реално се дел од секојдневната исхрана

За висината на потрошувачката кошничка се огласи и професорката Билјана Ванковска. Ѝм замерува на властите за новата пресметка. „Читам дека владата нашла нов начин на намалување на цената на чинење на потрошувачката кошничка – така што го намалила бројот на членови на семејството! А ќе речеш, демохристијани, плус нели нацијата старее. Но, се воделе од статистичките податоци.

Ќе заклучам со онаа стара и позната изрека. Постојат лаги, големи лаги и – статистика!

Во сиромашна земја дури и млад брачен пар со едно дете ретко живее во свој дом. Или живее со старите или под кирија. Толку! Ако продолжат со досегашните политики, следната потрошувачка кошничка ќе биде за двајца или за еден пензионер!“, напиша таа на социјалните мрежи.

Реагираше и граѓанската активистка Ана Глигорова. Исто така испрати критики поради најавите за новата просечна кошничка која ќе го добие името наместо минимална.

„Ќе ја пресметувале потрошувачката кошничка на поинаков начин, без летен одмор во странство, алкохол и цигари и несезонско овошје. Плус на тричленото семејство. Во ред, повторно под 1000 евра месечно најадени луѓе, со платена кирија, со високи комунални сметки, превоз, со арач кон кешари и извршители ќе дојде и повисока. Кошничката е преживување, не е живот. Срамота, со примања од 2000 евра ќе прават есап“, наведе таа.

Охрид

Реакции и од партиите во земјава, особено опозициските. Според СДСМ, „граѓаните не треба да одат на одмор, да немаат можност ниту за кино или театар – тоа било луксуз според власта“. Да се живее само за сметки и храна, и тоа од листата на препорачани производи од Владата – обвинуваат од „Бихаќка“.

„Нема веќе „мама, тато, дада и бато“ како што најави премиерот за ПР – сега има само тројца, за бројките да изгледаат подобро. Зошто токму просечна кошничка? Затоа што се споредува со просечна плата, која расте побрзо и се прикажува секој месец. Минималната – еднаш годишно. Така ќе покажуваат „раст на стандард“, но само на хартија. Не и за граѓаните со минимална плата. Новата просечна кошничка ќе ги игнорира реалните трошоци. Ќе се сведува само на храна и сметки, без никаква рекреација, култура или достоинствен живот“, истакнуваат од партијата во опозиција.

За Левица, од власта се нафатија да ја прекројуваат потрошувачката кошничка, да ја сведат на леб и сол, за утре да можат да кажат дека „се живее“ со бедните плати што ги испорачуваат и со високите цени на кои никако не им застанаа на пат.

„Потсетуваме дека додека народот го учат дека летување е луксуз, а цигарите и алкохолот се недозволива разонода, владата на ВМРО-ДПМНЕ брутално се расфрла со народни пари. Летаат со приватни авиони, јадат папаја и аспарагус, готват октоподи и бифтек од млади говеда стари од 18 до 24 месеци – сè на трошок на буџетот кој го полни работникот! Тоа е нивниот реформски морал: леб и сол за народот, луксуз и раскош за врхушката“, се вели во реакцијата на партијата на Димитар Апасиев.

Маркет

И граѓаните се согласни дека просечната потрошувачка кошничка треба да се полни со основни прехранбени производи, а не со луксуз. Велат, платите треба да ги следат трошоците живот. Согласно податоците од последниот попис на населението, едно просечно семејство брои три члена, па кошничката ќе се пресметува за тричлено домаќинство.

Во меѓувреме, до крајот на месецот важат замрзнатите цени и ограничените маржи на над илјада производи. Мерките дадоа резултат и ја зауздаа инфлацијата. Дел од маркетите кои не ја почитувале одлуката се соочуваат со високи парични казни, а за поголеми прекршоци може да добијат и клуч на врата. Инаку од следната недела сите маркети на интернет ќе мора да ги објават цените на сите производи и со тоа граѓаните ќе можат да споредуваат и да одберат од каде ќе пазаруваат. Според податоците за Државниот завод за статистика за 1,3 отсто е намалена инфлацијата во март, споредено со февруари.

Синдикатите сè уште со спротивставени ставови за зголемувањето на минималецот, работодавците со условување 500 евра, но со замрзнати придонеси. Топката е кај Владата, од таму се децидни, прво договор меѓу нив, па анализа. За ублажување на ценовниот шок, заштита на куповната моќ и задржување на работоспособното население, ССМ велат не отстапуваат од барањето 500 евра минимална плата и линеарно зголемување на другите.

Од овој месец за 10 отсто се повисоки платите на вработените во МВР, за 7 отсто за вработените во образованието и 5 отсто за вработените во здравството.

Н.П.

Слични содржини