Одобрени две емисии на хартии од вредност во март

од Stefanija Kuzmanovska

Комисијата за хартии од вредност (КХВ), во текот на минатиот месец, одобри две емисии на хартии од вредност.

Првата е за Кроација Осигурување АД Друштво за неживотно осигурување Скопје да ја издаде третата емисија на акции по пат на приватна понуда. Станува збор за 12.000 обични акции со номинална и продажна вредност од 100 евра по акција, со вкупен износ на емисијата од 1.200.000 евра. Третата емисија е наменета за познат купувач – институционалниот инвеститор CROATIA osiguranje d.d.Zagreb, кој воедно е и единствен акционер на друштвото. Кроација Осигурување АД Друштво за неживотно осигурување Скопје издава нови акции заради зајакнување на капиталот и усогласување со одредбите од Законот за супервизија на осигурување.

Агроплод АД Ресен за производство, преработка и промет увоз-извоз со П.О доби одобрение за издавање на хартии од вредност по пат на јавна понуда. Се работи за втора емисија на 5.455 обични акции со поединечна номинална вредност од 220 евра по акција, со продажна цена од 13.530 денари по акција и со вкупна продажна вредност на емисијата од 73.806.150 денари.

Согласно Одлуката за зголемување на основната главнина на Друштвото донесена на Собранието на акционери е утврдено дека при запишувањето и распределбата на запишаните акции се применува моделот на минимална цена со примена на принципот на приоритет на налози со повисока цена, поголема количина и порано време на внес на налогот во БЕСТ системот. Според податоците во Проспектот, акциите се уплатуваат во пари. Јавната понуда ќе се смета за успешна доколку се запишат и уплатат најмалку 60% од понудените акции од втората емисија.

Слични содржини