Огорчените шпански земјоделци со 500 трактори влегоа во Мадрид

од Radmila Tasevska
150 прегледи

Конвој од околу 500 трактори денеска влезе во центарот на Мадрид, каде шпанските земјоделци се обидуваат да стигнат до зградата на Министерството за земјоделство, незадоволни од бирократијата на ЕУ и сегашното ниво на државна помош.

Десетици трактори се наоѓаат на плоштадот во центарот на градот, додека стотици гневни демонстранти со шпански и регионални знамиња се пред полицискиот кордон.

Демонстрантите во жолти флуоросцентни јакни, извикувајќи навреди кон социјалистичкиот премиер Педро Санчез, се обидуваат да стигнат до зградата на министерството, која се наоѓа веднаш до блиската железничка станица Аточа.

Десетици полицајци стојат пред демонстрантите и им го блокираат пристапот до зградата, додека некои се обидуваат да го пробијат кордонот.

Земјоделците протестираат ширум Шпанија веќе две недели, барајќи од владата поголеми финансиски субвенции, ограничување на увозот на храна од соседно Мароко и менување на Заедничката европска земјоделска политика на ЕУ, која им наметнува строги еколошки прописи. Тие се противат и на најавениот договор за слободна трговија на ЕУ со јужноамериканскиот блок Меркосур.

Земјоделците се жалат и дека цените на горивата и вештачките ѓубрива поскапеле по избувнувањето на војната во Украина пред две години.

Шпанија е еден од најголемите европски производители на маслиново масло, портокали, лимони, вино и риба.

Земјоделците во Европа со недели протестираат поради увозот на поевтина храна и регулативите на Европската унија, која воведе строги мерки за заштита на животната средина кои го поскапуваат производството. Во Шпанија дополнителен проблем е повеќемесечната суша.

Слични содржини