Белгиски и холандски земјоделци блокираа неколку гранични премини меѓу двете земји во знак на протест против даночните оптоварувања, зголемените трошоци, евтиниот увоз и бирократијата, објавија утринава белгиските и холандските автоклубови.
Граничниот премин во правец на Антверпен, вториот по големина белгиски град, во кој се наоѓа и второто по големина европско пристаниште, е еден од блокираните премини, се наведува на платформата Х.
Локалните медиуми јавија дека повеќето од демонстрантите се дојдени од Белгија, а некои од нив се Холанѓани.
Во западна Белгија, земјоделците веќе неколку дена ги блокираат камионите да влезат или да излезат од пристаништето Зибриж, што е дел од пристаништето Антверпен-Бриж, а фламанската телевизија ВРТ (VRT) известува дека таму се заглавени речиси 2.000 камиони.
Од истите причини незадоволни се и земјоделците од другите делови на Европа, а протести се забележани и во Германија, Полска, Грција, Португалија и Романија.
Протестите ги открија тензиите околу влијанието врз земјоделството од напорите на ЕУ за справување со климатските промени, како и од отворањето на вратата за евтин украински увоз за да им се помогне на воените напори на Киев.