Околу 1500 лекари годинава поднеле барање за обновување на лиценците

од Nikola Popovski
38 прегледи

Оваа година Лекарска комора одбележува 20 години од добивањето на јавни овластувања за издавање на лиценци за работа на докторите на медицина, организирање на полагање стручен испит и акредитација на настаните од континуираната медицинска едукација, како многу значаен систем за акредитација на медицинската професија кој директно нè приближува до европските стандарди. По тој повод денес и во наредните денови се организира свечено доделувања на обновените лиценци за работа.

Процесот на добивање на јавните овластувања траеше повеќе од 10 години, беше макотрпен но и со континуирано залагање и јасна цел што се сака да се постигне. Во тој период се градеше и Комората како кредибилно еснафско здружение.

Собранието на Република Македонија, во 2004 година, ги донесени измените на Законот за здравствена заштита со кои Комората ги доби овластувањата, по што следуваше период за подготовка на подзаконските акти. Чинот на доделување на овластувањата се случи на 5 јуни 2005 година, на денот на одбележување на Денот на основање на Комората, кога подзаконските акти потпишани од тогашниот министер за здравство д-р Владо Димов, беа свечено предадени на првиот претседател на Комората Алексеј Дума.

По добивање на првите лиценци следуваат циклуси на нивно релиценцирање во 2011 година, 2018 година и сега во 2025 година. Во 2011 година беа обновени 4.670 лиценци, во 2018 година лиценците ги обновија 2799 доктори. Годинава, овие лиценци повторно подлежат на нов циклус на релиценцирање, а барање за обновување на лиценцата имаат поднесено околу 1500 лекари. Паралелно со овие релиценцирања, во континуитет низ годините тече и процесот на издавање, обновување и продолжување на лиценци на докторите кои завршуваат медицински факултети, така што вкупната бројка на активни лиценци во Регистарот на издадени, обновени, продолжени и одземени лиценци сега изнесува околу 9900 лиценци.

Претседателката на Комората, проф. д-р Калина Гривчева Старделова, истакнува дека јавните овластувања во изминатите 20 години се извршуваат континуирано, професионално и посветено со постојана тенденција за нивно унапредување и осовременување.

„Добивањето на овластувањата е исклучително важен процес што се случи благодарение на докторите кои беа дел од органите и телата на Комората и кои имаа јасна визија и вистинска цел за тоа како треба да биде уредена нашата професија. Комората одговори на предизвикот што ѝ беше поставен и благодарение на тоа имаме изграден систем за акредитација и лиценцирање на лекарската дејност, како суштинска и особено важна во едно општество. Во годините наназад, од добивање на овластувањата па наваму, Комората во континуитет вложува напори да ги унапредува процесите поврзани со полагањето на стручниот испит, издавањето на лиценци, водењето на Регистарот, сѐ со цел да се одговори на растечките потреби и новите околности”, вели проф. д-р Гривчева Старделова.

Од јуни минатата година се модернизираше начинот на полагање на стручниот испит. Писмениот дел од испитот се полага на компјутер, преку програма што генерира тест со испитни прашања. За реализација на оваа активности се набавија поголем број компјутери и се изработи компјутерски софтвер. Исто така, се реновираше и адаптираше соодветен простор во Комората, што изгледа репрезентативно и ќе биде во функција на многу идни генерации на доктори. Во духот на дигитализацијата и модернизацијата, од мината година почна и процес на електронска регистрација на присуството на докторите на настаните од континуираната медицинска едукација.

Слични содржини