Околу 30 проценти од жителите на Софија немаат канализација?

од Nikola Popovski
342 прегледи

Претставници на повеќе партии од здружението „Демократска Бугарија“, апелирале до заменик-градоначалничката на Софија, Ирина Савина, да поднесе оставка, бидејќи во многу квартови од градот не постои канализација, објави порталот „Медијапул“.

Здружението потсети дека Савина, како заменик-градоначалник, ветила дека нема да има септички јами во градот до 2020 година. Во исто време, членот на Градскиот совет, Методиј Лалов, привлекол внимание на фактот дека во повеќето области надвор од обиколницата околу градот во Софија, нема системи за отпадни води како што има во населбите „Модерно предградие“, „Факултет“, „Христо Ботев“ и други.

„Во 21 век, по повеќе од 15 години откако владејачката партија на бугарскиот премиер Бојко Борисов ГЕРБ го предводи Градскиот совет на Софија, околу 30 проценти од граѓаните на оваа европска престолнина немаат функционална и законска канализација“, изјавил Лалов за време на состанокот.

Порталот наведува дека членовите на Градскиот совет побарале од градоначалничката Јорданка Фандикова да контактира со премиерот и да разговара со него за решавање на проблемот.

„Ние инсистираме г-ѓа Фандикова да преземе политичка одговорност и, како заменик-претседател на ГЕРБ, да го убеди нејзиниот претседател дека канализацијата е од клучно значење за главниот град на една европска држава. Исто така е неопходно да се убеди дека владата мора да вклучи средства за Софија во делот „Зелена Бугарија“ од Националниот план за реконструкција и стабилност на Бугарија“, истакнале од Демократска Бугарија.

Жителите на најелитните населби живеат како во средниот век

Пред неколку години било ветено дека ќе се реши проблемот со отсуството на канализациони системи во маалата од бугарската престолнина.

Во врска со ова, поранешната кандидатка за градоначалник, Маја Манолова, привлекла внимание на фактот дека жителите на една од најелитните општини во Софија, кои се наоѓаат во подножјето на планината Витоша, „живеат како во средниот век“.

„Станува збор за илјадници граѓани кои го добија ветувањето на госпоѓа Фандикова во 2016 година дека ќе имаат канализација. Тоа беше ветено, но не беше исполнето“, рекла Манолова минатата есен, во пресрет на локалните избори.

Слични содржини