ОКТА: Силна профитабилност поттикната од остварувањата на извозниот пазар кои ги надминаа очекувањата, и покрај падот на меѓународните цени

од Vladimir Zorba
27 прегледи

ОКТА ги објави финансиските резултати за првата половина од 2024 година со ЕБИТДА во износ од 241 милион денари, што е зголемување од 30% споредено со првата половина од 2023, пред сè поради зголемената продажба на извозниот пазар, покачените извозни маржи и негативното влијание на вреднувањето на залихите, кое беше поизразено во првата половина од 2023. Бруто маржата во првата половина на 2024 година изнесуваше 443 милиони денари, што е пораст од 16% споредено со истиот период минатата година. Добивката пред оданочување изнесуваше 99 милиони денари.

Геополитичките тензии продолжија во текот на првата половина на 2024, создавајќи потенцијални ризици кои пак дополнително придонесоа за нестабилно пазарно опкружување исполнето со предизвици. Економската неизвесност и инфлаторните притисоци, иако послаби од претходната година, и понатаму ги отежнуваа деловните активности на економски план, влијаејќи на производните трошоци и на побарувачката од потрошувачите. Но, и покрај овие предизвици, ОКТА останува лидер во снабдувањето со нафтени деривати, ефективно справувајќи се со опкружувањето полно со предизвици преку внимателно следење на случувањата, осигурувајќи доследно и висококвалитетно снабдување со горива на локалниот и соседните пазари. Овој пристап не само што обезбеди сигурност, туку и го поддржа континуираниот раст и општествениот придонес на компанијата.

Во вториот квартал од 2024 година обемот на продажба изнесуваше 303 илјади м³, што претставува зголемување од 4% споредено со истиот пери во 2023-та година, поттикнато од проширувањето на извозниот пазар, што доведе до зголемување на продажбата од 17% во споредба со истиот период минатата година. Приходите од продажбата во вториот квартал на 2024 година изнесуваат 11.668 милиони денари, односно +13% споредно со истиот период минатата година, поттикнати од продажните остварувања на извозниот пазар кои ги надминаа очекувањата. Прилагодената ЕБИТДА во вториот квартал од 2024 година достигна 147 милиони денари со пад на годишно ниво предизвикан од повисоки оперативни расходи и пониска единечна маржа на домашниот пазар, поттикната од продажниот микс.

Во првата половина од 2024 година компанијата инвестираше вкупно 36 милиони денари во изградбата на фотоволтаична централа од 12 MW која беше започната минатата година, а се очекува да биде пуштена во употреба во втората половина од 2024 година. Оваа инвестиција е во чекор со стратешките приоритети на компанијата да ги унапреди своите инвестиции во почисти облици на енергија, да ги намали емисиите на јаглерод диоксид и да придонесе за одржливост на животната средина, притоа обезбедувајќи значителни економски придобивки.

Покажувајќи ја својата посветеност на безбедноста и одговорните практики, ОКТА отвори Тренинг-центар за противпожарна заштита од нафтени деривати, прв од ваков вид во земјата. Лоциран во кругот на ОКТА и целосно опремен со реквизити за да овозможи сигурна и безбедна обука, центарот има за цел да обезбеди вештини, знаење и ресурси на противпожарниот тим на компанијата за ефикасна борба против пожарите и заштита на објектите, но и на околните заедници. За почеток, центарот ќе се фокусира на обучување на вработените во ОКТА за техники за гаснење пожари и спроведување заеднички вежби со локалните противпожарни единици, со кои компанијата има воспоставено партнерство. Понатамошните планови вклучуваат проширување на капацитетот за да се зголеми бројот на обуки и за други видови пожари и ставање на располагање на истиот на државни институции и компании за нивните потреби за противпожарна обука.

Раководството на ОКТА и понатаму будно го следи опкружувањето исполнето со предизвици и преку проактивно планирање ја придвижува компанијата напред преку искористување на новите можности, со цел да ги подобри деловните остварувања и да ја зголеми оперативната ефикасност.

Слични содржини