Сопругата на претседателот на Украина Володимир Зеленски, Олена Зеленска заедно со шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба, веќе два дена е во Србија. Ова е прва посета на висок украински функционер на Србија од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
Олена Зеленски дојде на покана на сопругата на српскиот претседател Тамара Вучиќ, со која во неделата го посетија еден од најголемите симболи на главниот град на Србија – Белградската тврдина Калемгдан и градската библиотека.
Зеленска и Кулеба покрај од Вучиќ, беа дочекани и од министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ, како и амбасадорт на Украина во Белград, Володомир Толкач. Двете земји потпишаа неколку договори за соработка.
Зеленска во рамки на „Конференцијата за ментално здравје“ што се одржа денес во Палатата Србија, изјави дека поради состојбата во Украина забележани се 20 отсто повеќе случаи на дијабетес, 16 отсто повеќе случаи на срцеви заболувања и 10 отсто повеќе случаи на срцеви удари.
На панелот насловен „Менталното здравје во постконфликтна средина“, на кој учествуваше и сопругата на претседателот на Србија, Тамара Вучиќ, таа зборуваше за тоа што прави украинската држава и општество на полето на менталното здравје за време на тежок период на војната во таа земја.
Олена Зеленска, од почетокот на руската инвазија на Украина, стана личност со најголема доверба, која им пренесува пораки на светските претставници, како што се американскиот претседател Џозеф Бајден и кинескиот Си Џинпинг.
Зеленска е добредојдена гостинка во Вашингтон, каде што секогаш е топло пречекана од Џозеф и Џил Бајден.