По повеќе од четири децении, Volkswagen тивко го „згасна“ Golf GTD минатата година, без многу медиумска помпа, па малкумина дури и забележаа.
Овој модел, лансиран во 1982 година како спортски дизел пандан на бензинскиот GTI, означи ера во која турбодизелите нудеа и перформанси и економичност.
Денес, во време на сè построги стандарди за емисија и пораст на електрификацијата, неговото место во понудата го зазема plug-in хибридниот Golf GTE, според Jutarnji.
Првата генерација на GTD пристигна со 1,6-литарски турбодизел мотор со 70 КС, 130 Nm вртежен момент и максимална брзина од 160 км/ч, бројки кои беа изненадувачки убедливи за дизел во раните 80-ти. Со текот на времето, Golf GTD ги следеше техничките достигнувања, од првиот TDI мотор во третата генерација, до над 170 КС во Golf 6, па сè до 184 КС и 380 Nm во седмата генерација.
Најмоќниот GTD пристигна со Golf 8, претставен кон крајот на 2020 година, кој развиваше 200 КС и 400 Nm од 2,0-литарски TDI. Забрзува до 100 км/ч за 7,1 секунда и достигна 245 км/ч, со декларирана потрошувачка од само 4,4 л/100 км.
Но, зошто GTD исчезна? И покрај импресивните перформанси, пазарот се свртува кон хибриди и електрични возила. Продажбата на дизел мотори опаѓа со години, а спортските дизел модели го губат своето место во понудата. Фејслифтот на Golf 8, кој пристигна минатата година, го означи моментот кога GTD исчезна од ценовникот.
Така завршува едно значајно поглавје во историјата на Golf, а со него и ерата на дизел-спортистите кои со децении беа единствена комбинација од моќност, економичност и издржливост.