Стотици илјади луѓе имаат итна потреба од помош по разорните поплави во Либија, соопшти во четвртокот Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA).
Во итен апел, OCHA побара помош од 71,4 милиони американски долари за да се задоволат најитните потреби на 250.000 од 884.000 луѓе за кои се проценува дека им е потребна помош во следните три месеци.
Организацијата објави дека речиси 900.000 луѓе во пет провинции живеат во области директно погодени, во различен степен, од невремето и поплавите во Либија.
Силната бура, наречена Даниел, ја погоди Либија во неделата, откако претходно мина низ Грција, Бугарија и Турција.
Две брани пукнаа во планините над пристаништето Дерна, одземајќи големи делови од градот со 100.000 жители.
Владата која ја надгледува источна Либија соопшти дека бројот на загинати е над 5.000. Но, градоначалникот на Дерна рече дека е можно само во тој град да загинале до 20.000 луѓе.