Канцеларијата на Обединетите нации за човекови права на окупираната палестинска територија објави дека Газа станала најопасно место во светот за новинарите и нивните семејства. Од нападот (на Хамас) на 7 октомври, најмалку 57 палестински новинари се убиени во Газа.
„Убиени се вкупно 64 новинари, меѓу кои четворица израелски и тројца либански новинари“, се вели во соопштението, пренесува Си-Ен-Ен. Се додава дека новинарите „во реално време го информирале светот за ужасите низ кои минуваат цивилите во Газа“.
Нивната посветеност заслужува признание, нагласуваат од ОХР.
Се известува и дека новинарите и медиумските работници добиле „заканувачки и застрашувачки“ телефонски повици од членови на израелските безбедносни агенции.
„Убиствата и присилното раселување на новинарите ја попречија нивната способност да известуваат од терен во Газа“, се вели во соопштението.
Според Комитетот за заштита на новинарите (CPJ), од 7 октомври досега се убиени вкупно најмалку 64 новинари, меѓу кои четворица израелски и тројца либански новинари.